Несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки стартува на Хематологија

Од:

Една од најсофистицираните тераписки процедури во современата медицина, несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки почнува од денеска да се извршува во целосно реновираниот Оддел за трансплантација при Универзитетската клиника за хематологија-Скопје.

По тој повод, министерот за здравство Венко Филипче ќе се обрати на отворањето на Одделот и презентацијата на процедурата.

Со обезбедување највисоки европски услови и стандарди за хоспитализација на болни кои имаат индикација да се лекуваат со трансплантација на матични хематопоетски клетки ќе се овозможи Клиниката за хематологија да се впише меѓу центрите каде се спроведува таа најсофистицирана тераписка процедура.

Клиниката со овој чин не само што ќе овозможи за првпат во нашата држава да биде достапен овој софистициран тераписки метод за пациентите, туку ќе биде препознаена и како еден од лидерите во регионот на овој план.

Пациентите кои немаа фамилијарен донор и имаа потреба од несроден (нефамилијарен) донор на хематопоетски матични клетки, изминативе години се лекуваа во странски европски центри за трансплантација на трошок на Фондот за здравствено осигурување. Финансиските средства за лекување со несродна трансплантација во странство изнесуваа просечно 90.000 евра до 150.000 евра по пациент во зависност од примарната дијагноза и компликациите по интервенцијата. Во 2017 година 25 болни со малигни заболувања се лекувани со несродна трансплантација во Германија, Турција и други европски и светски центри.

– Ова е висок професионален дострел за нас како здравствени работници, нова страница во историјата на македонската хематологија како и важен чекор напред за јавното здравство на Република Македонија во целина. Пациентите во новоотворениот Оддел за несродна трансплантација добиваат многу подостапна, поекономична услуга, еднакво ефикасна со останатите европски центри, која во исто време овозможува тие да бидат близу до своите семејства во периодот кога минуваат низ ова сложено лекување, посочуваат од Клиниката.

Одделот за трансплантација на хематопоетски матични клетки почна да работи во септември 2000 година со реализација на првите трансплантации на матични клетки во Република Македонија во соработка со болницата „Г. Папаниколау“ од Солун, Грција. Тимот за трансплантација на хематопоетски матични клетки од Клиниката за хематологија е активен член на Европската група за трансплантација на матични клетки од 2003 година.

Во период од 17 години реализирани се 440 трансплантации (104 алогени и 336 автологни трансплантации) кај болни со акутни леукемии, малигни лимфоми, мултипен миелом и останати малигни и немалигни хематолошки заболувања кои имаат потреба за лекување со овој тераписки пристап. На Клиниката се извршуваат автологни трансплантации и алогени трансплантации од сроден фамилијарен донор (брат или сестра).

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

A1on

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска