Две години се чека одлуката на Советот за јавни обвинители за дисциплинската постапка против тројцата обвинители кои се гонат бидејќи не постапиле на 27 април, а тоа довело до уништување на докази. Откако беа парично казнети, постапката почна одново. Според претседателот на Советот,Ацо Колевски, и сега нема услови за разрешување на Гордана Гешковска, Јове Цветановски и Златко Биковски. Тоа би значело дека тие повторно би биле парично казнети за нивното непостапување.
„Не би можел да ви кажам мој став, советот е колективно тело. Се надевам ќе одлучиме во среда, ќе ги разгледаме сите околности. За најтешката мерка, разрешувањето, нема услови да се изрече таа мерка со оглед на фактите и околностите кои произлегуваат од доказите“, рече Колевски.
На споредбата дека судии беа разрешени од функциите дури и за побенигни работи, а постапката за обвинителите трае скоро две години, Колевски смета: „Секој настан има своја тежина. Не може да се каже дека за тоа треба разрешување или некоја друга мерка“.
„Нема таква работа. Предметот е осетлив. Еднаш го вративме и баравме прецизно да се определат некои работи и сега разгледуваме дали првостепената комисија постапила по нашите упатства“, вели Колевски, кој негира дека има уцени кон комисијата, поради што се пролонгира одлуката.
Прашан каква порака се испраќа кога постапката за обвинителите не е завршена и по две години, а истовремено, изречени беа дваесетина казни затвор за учесниците во крвавиот четврток, Колевски вели: „Одговараат, како не одговараат, има постапка против обвинителите. Меѓутоа ние како објективно тело треба да ги согледаме сите факти и околности, дали навистина има вина“.
Советот на јавни обвинители треба да одржи седница во среда. Тогаш, ќе се разгледува и оваа точка, која ќе биде ставена на дневен ред. Претседателот Колевски вели дека се надева оти ќе биде донесена и одлука.