Заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска изрази уверување дека многу наскоро ќе биде достапна Нацрт верзијата на законот за потекло на имот, а во моментот се останати неколку отворени прашања.
Николовски оцени дека со овој закон не ќе може да се сокрие имотот и ќе мора да се докаже неговото потекло. Тој смета дека граѓанската постапка е прифатлива и очекува максимална поддршка од сите чинители затоа што, како што нагласи овој систем се прави за бескрупулозно и неселективна борба против корупцијата.
Одговарајќи на новинарско прашање, кога ќе биде објавена Нацрт верзијата на законот и како ќе се врши конфискација на имот во граѓанска постапка, Николовски изјави дека не може да даде дополнителни информации кога ќе биде подготвена драфт верзијата, но работната група, како што подвлече, работи, по што ќе се отвори дебата во јавноста, со универзитетската публика, стручната јавност, со коморите и со сите засегнати страни, со цел што побргу да се донесе законот.
Едно од прашањата кое се отворило било границата на износот над којшто треба да се проверува потеклото на имот, односно физибилити студијата направена со Советот на Европа кажувала за искуствата на останатите земји, но и за нашата правна рамка, истакна Николовски, прашан кои се отворените прашања во врска со ова решение.
Второ спорно прашање била надлежноста, како последно што дошло од работната група. Според Николовски, првиот предлог бил формирање меѓуресорско тело на повеќе институции кое би било надлежно да ги проверува и собира сите информации и да ги иницира постапките, а државното правобранителство да ја застапува и води постапката пред граѓанските судови.
Николовски истакна дека сегашниот став е финансиската полиција да ги иницира работите, а државното правобранителство да ги застапува судските постапки. Тој смета оти прашањето поврзано со типот на постапката е затворено, со што се избегнуваат и отсрануваат слабостите на моменталниот систем и на сите законски решенија што досега сме ги имале.
– Констатираме дека не функционира системот за конфискација на имот така како што сите очекуваме, дека во регионот износот на средствата над кои се проверува и не можете да докажете, пример во Србија доколу последните три години сте оствариле над 150 илјади евра приход што не ви се одданочени или имотот без објаснување на потекло, тогаш се отвора постапка. Во Британија е 50 илјади фунти. Дискутиравме за прагот над кој треба да се проверува имотот и дефиниравме или да биде 30 илјади евра или два милиони денари, што ќе ги утврдиме дека во претходната година граѓанинот ги има повеќе, а за што нема соодветно собјаснување и докази, тогаш се отвора постапка, појасни вицепремиерот Николовски, на денешната заедничка прес-конференција со министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќир откако го презентираа новиот „Електронски систем за поднесување на електронски поплаки и пријави поврзани со услугите кон јавната администрација “.
Законот, информира вицепремиерот Николовски, ќе биде испратен во Венецијанската комисија, за што министерот за правда Бојан Маричиќ разговарал во Стразбур.
– Добро е што овој процес со Советот на Европа веќе го привршуваме и во најскоро време ќе излеземе во јавноста, изјави НИколовски, додавајќи оти очекува работната група да го информира дека е готова драфт верзијата и ќе се отвори дебата во јавноста.