Имотот вреден 850 илјади евра е доволен како гаранција дека браќата Нефи и Ибро Усеини нема да избегаат од земјава и да бидат недостапни за органите на прогонот, тврди претседателот на охридскиот суд, Васил Баткоски за „А1он“. Секоја друга мерка, според него е безначајна, бидејќи хипотеката на имотот е доволна гаранција. Двајцата биле пуштени на слобода вчера околу пет часот попладне и сега ќе се бранат од слобода.
„Имавме понуда на гаранција во висина од 850 илјади евра, проценета од овластен проценител со хипотека. По редот на законот тоа предлогот се достави до Јавното обвинителство, тие дадоа позитивно мислење за прифаќање на гаранцијата. Кривичниот совет одржа седница, со оглед на постапката се води по предлог на Јавното обвинителство ние ја прифативме гаранцијата“, вели судијата Баткоски за „А1он“.
Браќата Усеини во притвор беа 16 денови, а судот не одобри нивно ослободување кога тие понудија 30 илјади евра како гаранција дека нема да избегаат, влијаат на сведоци, да избегаат или да го повторат делото. Судењето за нив е закажано за 22 септември во охридскиот суд.
Двајцата беа приведени поради нападот на нивниот сограѓанин, Спиро Топалоски.
„Обвинетите на 18 август 2020 година, околу 11.30 часот, по претходен договор извршиле грубо насилство врз едно лице при што во јавноста, кај присутни гости и вработени во хотелот Јуник во Охрид, предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв. Обвинетите го повикале оштетениот на средба во хотелот, па откако тој пристигнал со возило, на совозачкото седиште седнал еден од обвинетите. Веднаш започнале расправија, излегле од возилото кај паркингот пред хотелот, каде во меѓувреме пристигнал и вториот обвинет. Во тој момент, двајцата обвинети физички го нападнале оштетениот“, соопшти Обвинителството.
Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини. Усеини во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.
Охридскиот советник е ослободен од еден случај, за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид. Обвинителството кажа дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.
Инаку, по повеќе од година, сите предмети отворени против Усеини во охридското Обвинителство, тапкаат во место. Оттаму последно кажаа дека поради пандемијата, обвинителите работат само на итните случаи, а додека, предметите кои се во редовна постапка како оние за Усеини, ќе се разгледуваат во наредниот период откако ќе се врати нормалното работење на Основното јавно обвинителство Охрид.