Нови 30 дена притвор им се одредени на Нефи Усеини и брат му од охридскиот суд, по барање на Обвинителството а со поднесување на обвинителниот акт со кој се гонат за нападот на нивниот сограѓанин Спире Топалоски. Мерката е продолжена поради сомневањето дека тие можат да избегаат и да бидат недостапни за органите на прогонот.
Браќата Усеини веќе осум дена се наоѓаат во притвор, откако претходно, полицијата не можеше да ги најде во нивните домови и објави локален распис по полициските станици. Двајцата се гонат за кривично дело насилство.
За да излезат од притвор, тие понудија и гаранција од 30 илјади евра која охридскиот суд ја прифати, а пак, Апелациониот суд во Битола ја одби.
Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини. Усеини во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал. Обвинителството отвори предмети два месеца потоа, односно неколку дена пред Усеини да го натепа советникот во Општина Охрид, Џемал Мена, среде седница.
Охридскиот советник е ослободен од еден случај, за физичкиот напад на професорот Илјаз Илјази кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид. Обвинителството кажа дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.
Инаку, по повеќе од година, сите предмети отворени против Усеини во охридското Обвинителство, тапкаат во место. Оттаму последно кажаа дека поради пандемијата, обвинителите работат само на итните случаи, а додека, предметите кои се во редовна постапка како оние за Усеини, ќе се разгледуваат во наредниот период откако ќе се врати нормалното работење на Основното јавно обвинителство Охрид.