Некоја организација што се нарекува Наставнички пленум си даде за право да се интересира за документи на некоја друга организација. Не знам од каде им е тоа право и не би ги коментирал нивните интриги и маркетингот што го прават во јавноста обидувајќи се да создадат револт во членството на СОНК и да го дискриминираат неговото раководство, изјави Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура во врска со иницијативата која Наставнички пленум денеска ќе ја поднесе во Уставниот суд за испитување на уставноста и законитоста на членовите 13 и 14 од статутот на СОНК.
Наставничкиот пленум, кој подоцна денеска ќе ја поднесе иницијативата, смета дека раководството на СОНК го изменило статутот така што член може да истапи од СОНК три години по поднесувањето барање за истапување. Пленумот смета дека тоа се прави за да се оневозможи излегување од СОНК на се поголем број членови кои се незадоволни од тоа што Неделков и почесниот претседател Дојчин Цветановски нетранспарентно ги трошеле парите, како и од начинот како го менаџирале штрајкот на наставниците пред две години.
Според Неделков, Наставничкиот пленум е неформална група која, како што рече, воопшто не е ни значајна во образованието и со иницијативата се обидува со лаги и шпекулации да придобие членови во нивната организација и да прави личен атак кон него и кон Цветановски. Рече дека ќе се советува со правни консултанти и дека може да следува кривична пријава за клевета кон организацијата и кон нејзиниот претседател.
– Бидејќи тие прашуваат за трошење на средствата, јас ќе прашам: кој фактор е Наставничкиот пленум СОНК да му дава отчет каде се трошеле средствата. СОНК им дава отчет за секој потрошен денар на оние кои плаќаат членарина, рече Неделков и додаде дека целта на ваквата иницијатива е да се растури или да се преземе СОНК, а претпоставува дека тоа, како што рече, „се прави и диригира од еден центар“.
– Не можеме да се помириме со фактот невладини организации кои бројат неколку члена и не застапуваат практично никого да бидат третирани исто како репрезентативните синдикати, додаде Неделков.
Се пожали и дека за три и пол месеци од работата на новата Влада немале суштинска средба со министерката за образование и наука, освен една протоколарна, а од друга страна од медиумите, рече, постојано слушаат дека во образованието ќе следуваат длабоки реформи.
– И министерката, и премиерот спомнаа намалување на наставни часови, намалување на предмети итн, што само по себе доведува до реален заклучок дека се планира да има технолошки вишок во основното и во средното образование. СОНК енергично ќе застане во одбрана на правата на работниците и нема да дозволи ниту еден негов член да остане на улица. СОНК може да понуди многу конкретни и корисни решенија за надминување на состојбите, но никогаш нема да се согласи по основ на реформи или менување на наставни планови и програми некој да остане без работа, изјави претседателот на СОНК одговарајќи на новинарски прашања по потпишување меморандум за соработка со Синдикатот за образование од Албанија.