„Мета“ разговараше со жител на населбата Серава, кој живее на неколку стотини метри од т.н. Диво Насеље и чиј прозорец гледа директно на населбата.
Тој вели дека сега е мирно и пукање нема веќе три часа.
Утрово околу 7 часот биле разбудени од силни пукања, кои траеле интензивно, а потоа и спорадично.
– Сега е мирно, нема никакви истрели. Мислам дека заканата е елиминирана и дека службите чекаа да се раздени за да можат да ги фатат и преостанатите терористи што се криеле по куќите. Од прозорот на мојот дом гледам дека многу луѓе ги напуштаат своите домови. Во моментот пред мене гледам група деца кои, со торби во рацете, ја напуштаат населбата пеш, без придружба на полицијата. Брза помош има и сега, но не со вклучени сирени како вчера, хеликоптери нема – вели за „Мета“, З.Б. од населба Серава.
Тој вели дека струја во неговиот дом има, но во Диво Насеље немало цела ноќ. Продавниците во тој дел од градот се затворени, а патиштата блокирани.
– Струја во оваа населба имаше и вчера и во текот на ноќта и денеска. Во Диво Насеље нема струја, баш гледав синоќа, ниту едно светло немаше во тој дел, можно е да бил оштетен трансформаторот или е намерно исклучена. Едниот дел од станот ми гледа спрема џамијата, другиот дел спрема главната улица Трета македонска бригада, која е целосно затворена за сообраќај, освен за полициски и возила на Брза помош. Во нашиот крај продавниците се затворени, во центарот на Куманово дел од продавниците работат, дел се затворени – вели З.Б.
Нашиот соговорник додава дека пред неговата зграда има полиција и полициски возила, а доколку сака да ја напушти населбата, мора да оди по спореди улици затоа што главните се затворени. Тој вчера бил сведок и на полициска акција во која терорист ѝ избегал на полицијата.
– Вчера попладнето, околу 17-18 часот, забележав некои од терористите како ги апсеа, а видов еден како им избега меѓу зградите и го бркаа шест-седум полицајци, но исходот на таа акција не го знам. Видно беше присуството и на полициски снајперисти на покривите на куќите во Диво Насеље и во околината – сведочи З.Б.
Иако сутацијата вчера била многу тензична, тој сепак вели дека нема да го напушти својот дом. Невообичани активности, според него, не биле забележани пред почетокот на акцијата и сите мештани се многу изненадени и затекнати од случувањата.
– Вчера, додека траеја пукањата, бевме доста вознемирени. Таква ситуација воопшто не е пријатна. Имав понуди од многу роднини и пријатели да престојуваме кај нив додека да заврши цела ситуација, но ни во 2001 година не го напуштив сопствениот дом, нема да го напуштам ни сега. Имам син кој има 23 години, се разбуди вознемирен уште во 6 часот наутро. Тој има пријатели од Диво Насеље и бил таму во петокот до доцна во ноќта. Ми вели дека ништо не забележале, дека немало никакви активности од која било страна. Невообичаени активности не забележавме ниту претходните денови – вели нашиот соговорник.
Граѓаните се вознемирени, но сплотени. Нема никакви конфликти помеѓу Македонците и Албанците во Кумановско, нè уверува соговорникот. Конфликтната ситуација од вчера, според него, нема поддршка од граѓаните.
– Мештаните од Кумановско со кои контактираме имаат сомневање дека целата оваа ситуација е исценирана. Нема никакви конфликти ситуации помеѓу граѓаните што живеат тука. Јас живеам во зграда во која живеат две албански семејства. Ми се јавуваат пријатели Албанци, ми велат „Гледаш ли, што сакаат да ни направат, сакаат да нè раскараат“. Оваа ситуација, кој било да ја организирал, нема поддршка од граѓанството. Индикативно е дека куќите не ги напуштаат само жени и деца, како што беше случај во 2001 година, туку и мажите, кои тогаш остануваа да се борат. Друго е доколку и машката популација остане во куќите и дава поддршка. Сега цели фамилии излегуваат – додава кумановецот З.Б.
Жителите на кумановско велат дека за ситуацијата се информираат од мештаните, од вработени во брза помош и од други служби, како и на „Фејсбук“, но никој не им дава официјални информации.