Во првиот круг на локалните избори ДУИ купуваше гласови, заплашуваше, го прекрши изборниот молк, обвини Националната демократска преродба (НДП).
Според најавите на Артан Дика, потпретседател на партијата и шеф на изборниот штаб партијата во вториот круг, во Струга ќе го поддржи Зeјадин Села. Дика вели дека во другите општини ќе преговара со ДПА, на ниво на партиски ограноци.
– Албанската партија на власт – ДУИ – изврши тешка манипулација на изборниот процес на 24 март преку -масовно купување на гласови од нивни претставници и двојно гласање, заканување и заплашување на албанските и други граѓани од лица кои што се на раководни и државни позиции, како и од државни инспектори преку казнени мерки кон гласачите, потоа преку бришење на голем број на опозициони гласачи од гласачките ливчиња, рече Дика.
Според Дика, ден пред првиот круг на 24 март многу здрави лица со фалсификувани потврди за болест гласале како болни, како и за кршење на изборниот молк и фаворизирање на ДУИ на јавните и приватните медиуми на албански јазик.