„Народно движење за Македонија изразува крајна изненаденост од дрското и безобзирно кршење на Уставот од страна на министерот за правда Билен Салији.
Имено, министерот Билен со формирањето на Совет за реформа на правосудниот сектор како тело од јавен карактер во состав на министерството за правда, најмалку двапати го прекрши Уставот на Република Македонија:
прво, во Советот на министерот Билен ќе влезат 22 члена од кои само 7 од мнозинскиот македонски народ, а останатите 15 се Албанци и по некој од влашката и турската заедница, со што се крши амандманот VI од Уставот во кој е пропишана соодветна и правична застапеност на сите заедници во телата од јавен карактер;
второ, во решението на министерот Билен имињата на членовите на Советот се напишани на две азбуки/писма-латинично и кирилично, со што е прекршен амандманот V од Уставот во кој е пропишано употреба на кирилското писмо во државните органи.
Затоа, Народно движење за Македонија бара од премиерот Зоран Заев во смисла на членот 94 став 2 од Уставот да му предложи на Собранието разрешување на министерот за правда Билен Салији.
НДМ го повикува членот на Советот, Љубомир Данаилов Фрчковски, како изготвувач на Уставот, да не го прими противуставното решение на министерот за правда“, се вели во соопштението на НДМ.