„Народно движење за Македонија најостро ги осудува активностите на Демократската Унија за интеграција, Беса и партиите од Коалицијата Алијанса за Албанците насочени кон редефинирање и рушење на уставниот поредок на земјата.
Затоа, НДМ го повикува Јавниот обвинител Марко Зврлевски веднаш во својата институционална и уставна надлежност да ги преземе сите неопходни активности за одбрана на уставниот поредок и во случајов да поднесе предлог за забрана на понатамошно дејствување на ДУИ, Беса и партиите од Коалицијата Алијанса за Албанците во смисла на член 33 во врска со членот 3 од Законот за политичките партии каде е кажано дека надлежниот јавен обвинител поднесува предлог за забрана на дејствување на политичката партија пред надллежниот суд ако дејствувањето на политичката партија е насочено кон загрозување на уставниот поредок.
Значи, со целиот институционален, но и политички капацитет, Република Македонија мора да реагира на поткопувањето на нејзиниот интегритет и суверенитет.
НДМ смета за сходно да ја потсети македонската јавност дека за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ надворешно-политички приоритет и понатаму останува евроатланското интегрирање на Македонија, каде пак нели, врвен постулат е токму владеење на правото и функционалната правна држава.
Значи, доколку во случајот на ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците изостане доследната примена на законот, тогаш неизбежно ќе биде и големото разочарување кај европските пријатели на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дека се уште постои сериозен недостаток од институционален капацитет во Македонија“, се вели во соопштението на НДМ.