Народно движење за Македонија изразува разочараност уште од првиот чекор што го презеде власта во исполнувањето на обврските од Извештајот на евроекспертот Рајнхард Прибе земајќи предвид дека вчерашното брзопотезно пополнување на собраниските комисии за надзор на службите и прислушувањето претставува обична лакрдија и гротеска од контрола на тајните служби.
„Затоа, НДМ ја става под знак прашалник искреноста на власта за суштински промени во собранискиот надзор на тајните служби, кој, иако замислен да ја реши загатката наречена заштита на слободите и правата од злоупотребите на тајната полиција, тоа и понатаму нема да успее да го оствари.
Ова од причина што и овој најнов комисиски состав за контрола на безбедносните служби и следење на комуникациите во старт е пропаднат затоа што меѓудругото, и не е воспоставен реално да функционира.
НДМ бара остар прекин со досегашната практика на про-форма, божемна собраниска контрола на безбедносните служби која доведува(ше) до нивна злоупотреба од властите, бидејќи законитоста во спроведувањето на овластувањата на тајните служби е во директна врска со почитување на правата и слободите на граѓаните.
Затоа, НДМ го реафирмира својот предлог собраниските комисии за надзор на службите и прислушувањето да имаат т.н. истражни овластувања-директно да влезат во просториите на тајната полиција и изворно да ги следат оперативните документи, а самите комисии да бидат во состав од високи партиски функционери (на пример, од координаторите на пратеничките групи) придружувани од стручни советници за да се избегнат меѓусебните партиски препукувања, бидејќи на ваков начин, сите партии преку свои претставници на лице место ќе видат дали (не)имало злоупотреби од безбедносните служби преку увидот во електронска евиденција, а дополнително и во подрумите на тајната полиција изворно ќе ги листат прашливите евидентни книги“, се вели во соопштението на НДМ.