„Во петокот на 16 октомври бевме сведоци на присуството на личности од врвот на МВР на свеченото одбележување – 15 години постоење на Комората на Република Македонија за приватно обезбедување.
Притоа на свеченоста беше речено дека македонскиот модел на приватен безбедносен сектор е создаден на уникатен начин во макотрпен процес обременет со многу предизвици рефлектирани од ексјугословенските простори.
Меѓутоа, денес на многу конкретен начин, ќе и покажеме на јавноста дека македонскиот модел на приватен безбедносен сектор е навистина уникатен, но, не како резултат на предизвици рефлектирани од ексјугословенските простори, туку како резултат на залуденоста на полициското подземје во земјата за профитот што го прави преку злосторничкото здружение наречено Комора за приватно обезбедување.
Имено, полициското подземје уште од 2000 година, кога е инсталирана оваа нелегална и фантомска Комора, односно, веќе 15 години го контролира бизнисот со лиценци за обезбедување.
Дека станува збор за нелегална и фантомска Комора е потврдено од најрелеватно место:
Имено, од овој документ на Основниот суд Скопје 1 број 120/99 од 09.02.2009 можете да видите дека до 2006 немало регистрирано Комора во судскиот регистар.
Од овие три документи на Централен регистар можете да видите дека ниту после 2006 година не е регистрирана оваа комора.
За појаснување, да споменам дека до 2006 година регистрирањето на правните субјекти се вршеше во Основниот суд Скопје 1 како регистарски суд, а после 2006 година оваа надлежност помина кај Централниот регистар согласно Законот за едношалтерскиот систем и водење на трговски регистри и регистри на други правни лица.
Општо познат факт е дека правните лица може да започнат со работа дури откако ќе добијат решение за упис кај надлежен орган.
Меѓутоа, како што можете да видите, оваа Комора не е запишана, регистрирана и евидентирана како правен субјект ниту во судот, ниту покасно во ЦР, што значи се работи за фантомски субјект.
Полициското подземје преку оваа фантомска Комора досега, во овие 15 години има издадено преку 20.000 лиценци и службени легитимации и на тој начин на нелегален начин преку непостоечки правен субјект има инкасирано околу 10 милиони евра.
Оттука, ги повикуваме надлежните органи да постапат согласно своите овластувања“, рече, на прес конференцијата, претседателот на НДМ, д-р Јанко Бачев.