„Народно движење за Македонија го поздравува ставот на Европската комисија искажан преку портпаролката Коцијанчич дека комесатрот Хан не планира нова средба со македонските политички лидери и дека сега тие самите треба да понудат излез од кризата.
Во овој контекст, НДМ го поздравува и ставот на лидерот на СДМ, Зоран Заев, неделава да покрене иницијатива за нова средба помеѓу лидерите на четирите домашни политички партии на домашен терен.
Да потсетиме, НДМ за цело време на кризата во која е заглавена земјата ја реафирмира својата заложба за решение на домашен терен со домашна памет и без странско туторство кое ја прикажува Македонија како незрела демократија и која не може да обезбеди излезни решенија“, велат од НДМ.
„НДМ силно верува во демократскиот капацитет на Груевски и Заев и во нивното одговорно лидерство во интерес на земјата, и оттука, очекуваме најпосле да ги израдуваат граѓаните со решение за кризата и домашно единство како најсилна брана против секоја закана.
Ја користиме приликата, повторно да ги повикаме Груевски и Заев да продолжат со прифаќање и на останатите точки од планот на НДМ за излез од кризата кој лично им е доставен на 18 мај, откако веќе прифатија две работи од нашиот план, прво, надминување на кризата преку ибори, и второ, непротивењети на средбата во Брисел прашањето за преодна влада да стане законска обврска и за сите наредни избори, бидејќи подобро е решенија кои ќе базираат на законот отколу на практиката.
Се разбира, не се лутиме иако има обид точките од нашиот план кој веќе се прифатени да се прикажуваат како туѓи иницијативи, бидејќи, подобро е да се спроведудуваат добри идеи за надминување на кризата отколку безмилосно да се расправаме на штета на националните и државни интереси“, се вели во соопштението на НДМ.
НДМ со планот од 18 мај доставен лично до Груевски и Заев, предлага:
ПРЕДЛОГ – ПЛАН
за надминување на политичката криза преку распишување на избори
- Изборите да ги спроведе Владата на Република Македонија.
Алтернатива: Да се формира преодна Влада.
Образложение: Изборите да ги спроведе актуелната влада со оглед на изборната победа на последните парламентарни избори во април 2014. Меѓутоа, доколку се формира преодна влада, да се пропише законска обврска и во иднина изборите да ги спроведува преодна влада, бидејќи многу веројатно е дека ова ќе стане практика. Оттука, подобро е решенија кои ќе базираат на законот отколу на практиката.
- Законска обврска за сите медиуми без надомест од партиите да обезбедат рамномерно распределување на времето за политичко претставување на партиите-учесници на изборите во 20-те дена кампања, а медиумите да се обештетат од буџетот.
Образложение: Законска обврска за медиумите рамномерно на дневна основа да го распределат времето во 20-дневната изборна кампања на сите партии учеснички во изборите. Меѓутоа, со цел, приватните медиуми да не трпат финансиска штета, следните избори целосно да се финансираат од буџетот, односно, на медиумите да им се додели еднократно утврден паричен износ од буџетот како обештетување заради тоа што рамномерно ќе го распределат времето во изборната кампања без надоместок од партиите кои учествуваат на изборите. Значи, најважното прашање за медиумите и партиите ќе биде решено – медиумите финансиски ќе бидат обештетени, а партиите ќе добијат еднаков третман за време на 20-дневната изборна кампања.
- Законска забрана на било какви исплати од буџетот на три месеци пред изборите, освен тековните трансфери (плати, пензии, социјала…).
Образложение: Во однос на спречување на изборната корупција предлагаме да се забранат сите исплати од буџетот на 3 месеци пред изборите, освен неопходните исплати (плати, пензии, социјални трансфери). Во овој контекст, да се формира комисија од партиите учеснички на изборите која ќе има овластување за контрола на дневна основа на сите исплати од буџетот.
- Територијата на Република Македонија да биде една изборна единица.
Образложение: Републиката да биде една изборна единица со отворени листи со што се овозможува најоптимално совпаѓање на процентот на освоени гласови со добиените пратенички мандати. Таквиот изборен модел е покомпатибилен со карактеристиките, културата и политичките околности во РМ, односно ќе се спречи некои партии, повеќе или помалку, да бидат изманипулирани со заобиколување на демократското начело – секој глас да има еднаква бројна вредност. Изборната практика во РМ покажува дека помеѓу 70 и 90 илјади гласачи после секои парламентарни избори остануваат без свои репрезенти во Собранието, токму поради сегашниот модел со шест изборни единици.
- Законска забрана за предизборно коалицирање помеѓу партиите.
Образложение: Преку законската забрана на предизборното коалицирање и овозможување единствено на постизборното коалицирање, се прави значителен демократски исчекор, бидејќи на тој начин политичките партиии реално ќе ја покажуваат својата политичка тежина, со што ќе престанат манипулациите со јавноста од нарачани квази-политички партии.
- Претставниците на сите партии во изборните органи да добиваат надоместок од буџетот, а не само претставниците на најголемата позициска и опозициска партија.
Образложение: Според Изборниот законик, големиот број претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во избирачките одбори во 3.480 избирачки места, на денот на изборите добиваат паричен надоместок (дневница) од Буџетот, а претставниците на другите партии се на финансиски товар на самите партии, заради што не можат да назначат претставници во сите избирачки места. Со цел, сите партии-учеснички да делегираат свои претставници во 3.480-те избирачки места, мора претставниците на сите политички партии на избирачките места да добиваат надоместок од Буџетот и на тој начин да се обезбеди целосна контрола на изборниот процес од сите партии-учесници на изборите. Впрочем, кога се работи за буџетски пари, мора да важи правилото – или пари за сите, или за ниедна политичка партија, доколку, се разбира, сакаме рамноправен старт на изборите на сите учесници во изборниот процес.
- Прочистување на избирачкиот список.
Образложение: Прашањето со точноста на избирачкиот список, односно т.н. фантомски гласачи и понатаму ја оптеретува политичката реалност во земјата. Оттука, корисно е да се изврши допрецизирања во изборното законодавство и посебно, јасно прецизирање на Избирачкиот список.