Научните установи и институти по една деценија добија поддршка од државата

Од:

Заборавени цела деценија, седумте научните установи и институти кои добија средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, го поддржуваат отворањето на новата програма на Министерството за образование и наука, соопштија од МОН.

Хидробиолошкиот завод–Охрид, Институтот за македонска литература–Скопје, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Институтот за национална историја-Скопје, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Институтот за старословенска култура–Прилеп, односно сите јавни научни установи и институти во државата учествуваа на јавниот Конкурс и за тригодишно финансирање на по еден проект добија вкупно 19 милиони денари.

Раководителите на проектите на кои министерката за образование и наука Мила Царовска денеска им ги врачи договорите, ја поздравија иницијативата за финансирање на истражувачката дејност од државата.

– После десетгодишно отсуство на финансирање на проекти, имаме можност да работиме на електронско издание на македонска книжевна енциклопедија која ќе вклучува период на 12-вековен развој, од 9 до 21 векм, рече Наташа Аврамовска, научен советник во Институтот за македонска литература.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје низ тригодишно истражување ќе работи на Лексиката во народната проза.

– Знаете дека Институтот претставува своевидна лексикографска школа, можеби и го покрива недостатокот од лексикографски завод во државата. На овој начин ќе излезе уште еден речник од Институтот, понатаму тоа ќе биде Речникот на народната проза, рече Елена Јованова-Грујовска раководителка на проектот.

На проект за заштита на животната средина ќе работи Хидробиолошкиот институт од Охрид, а директорката Орхидеја Тасевска смета дека националните проекти ќе им овозможат непречено одвивање на теренските активности како и обука и унапредување на многу млади истражувачи. За Ермис Лафазановски од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, значајно е што конечно се слушнати сите јавни научни установи за тоа што им треба и во која насока треба да се развива научно-истражувачката дејност. Преку вакви проекти, нагласи Лафазановски, македонскиот фолклор ќе стане повидлив и на тој начин не само научната туку и заинтересираната јавност за македонскиот фолклор ќе има увид во тоа што го работи овој институт.

Институтот за старословенска култура од Прилеп, со проектот за средновековните населби во Пелагонија, Мариово и Порече, преку истражувања втемелени на археологија и историја на уметност, ќе овозможи добивање суштествени сознанија за културно – цивилизациските процеси од 6-7 век до средината на 17-от век во централните делови од Балканскиот полуостров.

Проектот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје, е комплексно научно истражување чија цел е да ги проучи последните два века на Албанците во Македонија. Институтот за национална историја од Скопје, преку проектот „Историјата и историографијата во јавните политики и во политиките на сеќавање“, има за цел осознавање на влијанието на доминантните етнонационални историски наративи во општеството, како врз јавните политики на сеќавање, така и врз јавното мислење во земјата.

Би можело да ве интересира

Зградите на ФИНКИ и на Факултетот за физичко образование пропаѓаат со години, стручна анализа треба да ја одблокира изградбта

Катерина Ѓуровски

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Што подолго без договор, поблиску до прекин на наставата-ниту законот на Груевски не може да спречи штрајк

Предраг Петровиќ

Историја, географија, биологија, хемија и физика повторно ќе се учат посебно, запрен е конкурсот за учебници за основно

Катерина Ѓуровски

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Објавени се резултатите од конкурсите за доделување ученички стипендии за учебната 2023-2024