Со официјалното отпочнување на кампањата за локалните избори и детектирањето на сообраќајниот хаос како една од клучните проблематични точки од страна на повеќето кандидати на која би се фокусирале како иден градоначалник, „НаТочак“ реагира дека безбедноста на сите учесници треба да биде приоритет во креирањето на идните сообраќајни политики и бара од кандидатите да понудат конкретни мерки со кои ќе дејствуваат директно кон решавање на ова прашање.
„Решавањето на сообраќајниот хаос не се однесува само на ослободување на закрчувањата на коловозните ленти, туку треба да биде во насока на фер третман на сите учесници. Сообраќајните решенија треба да имаат цел да овозможат слободно движење на СИТЕ учесници, да понудат максимална безбедност и да се стремат кон нула жртви во сообраќајот на годишно ниво.“
Иницијативата повеќепати досега алармирала за преголемата дозволена брзина на улиците во Скопје и на несоодветното дизајнирање на улиците кое е во насока на обезбедување брз проток на моторен собраќај и честопати ги става во подредена положба пешаците и велосипедистите, заканувајќи се по нивната безбедност. Тоа се гледа и по бројот на жртви во сообраќајот, за што НаТочак досега организирале протести, настани „Критична маса“ и ги комуницирале релевантните институции кои имаат моќ да влијаат на ова прашање. За жал, досега ниту една институција, а и ниту една политичка партија во своите програми не пројавила интерес за подобрување и решавање на овој проблем, иако во многу други земји постојат проверени и докажано успешни примери на мерки кои можат да се пресликаат и во Скопје.
„Напротив, од политичарите многу често се праќаат чудни и контрадикторни пораки при промоција на изведени или реконструирани улици кои истовремено зборуваат и за брзина и за безбедност, а изведеното решение е со широчина на ленти од 3,5 метри која одговара само на аспектот брзина од над 90 км/час, но не и на безбедност во сообраќајот.
НаТочак бараат од кандидатите за градоначалник ветување упатено до Скопјани, за конкретни мерки за заштита на ранливите учесници и успорување на градскиот моторен сообраќај како што се: воведување на максимална брзина од 30 км/час во целиот град, со исклучок на булеварите каде има издвоени велосипедски и пешачки патеки, бидејќи тоа значително ќе ги намали шансите за судир и ќе ги зголеми шансите за преживување при евентуален удар, подигнати пешачки премини, лежечки полицајци, мини кружни текови, како и намалување на широчината на коловозните ленти до максимум од 3 метри, кои на многу главни улици во градот се со широчина од 3,5 метри која се применува на автопати и за многу поголема брзина од 50 км/час.
Ваквите мерки во пракса не се во насока на закочување на градот, а значително влијаат кон поттикнување на внимателно возење, намалување на екстремните брзини, но, не и намалување на просечната брзина. Со нивното донесување и примена, градоначалниците би ги ставиле на прво место граѓаните, а не брзината и насилното возење.
Планирањето на сообраќајот со безбедноста во фокус, планирањето визии за нула жртви од сообраќај (Визија нула) и предвидувањето на Зона 30 секаде каде што се мешаат ранливи учесници со моторниот сообраќај, односно каде нема издвоени и слободни пешачки и велосипедски патеки, во моментов е препорака на Обединетите нации, Светската здравствена организација и Европската Комисија. Еден ден ќе стане и стандард кој ќе мора да го испочитуваме. Наместо да губиме човечки животи до тој ден и да живееме во град на чии улици насилно се вози, во овој историски миг можеме да се вброиме во прогресивните градови кои на прво место ја ставија безбедноста ПО СВОЈ ИЗБОР“, се наведува во соопштението.