Поранешната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска денеска на јавна седница со двотретинско мнозинство, односно 8 гласа „за“ и 1 „воздржан“, е избрана за нов директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Габер Дамјановска претходно беше директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет во Скопје, а докторирала на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје.
Покрај Габер Дамјановска, за оваа позиција се кандидираа и Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка во Уставниот суд и Европскиот суд, Александар Маркоски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство и Елена Андреевска, поранешен јавен обвинител и професорка на Правниот факултет на Универзитетот ЈИЕ.
На денешната јавна седница не беше избран заменик директор на Академијата за што кандидатура поднесе само еден кандидат, Илир Исени за кој 3 члениот одбор кој ги разгледувал кандидатурите заклучил дека Исени не исполнува 1 од условите за кандидат за оваа позиција а тоа е лицето да достави документ дрка не е осудено за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку 6 месеци.
Согласнот законот, управниот одбор е обврзан во рок од 30 дена да распише нов оглас за заменик директор на Академијата за судии и јавни обвинители.
Тричлената комисија при проверка на кандидатите исто така не дала зелено светло за кандидатурата на Елена Андреевска поради тоа што кандидатот не исполнувал 2 услови. Првиот е да има работно искуство како судија или јавен обвинител од најмалку 8 години, додека вториот услов е тоа што Андреевска не доставила сертификат за познавање на странски јазик.
9 члениот Управен одбор кој одлучувше за новиот директор и заменик директор на Академијата е во состав на Сашо Рајчев, Оља Ристова, Маријана Радевска Стефкова, Лилјана Спасоска, Лазар Нанев, Осман Шабани, Љубица Караманли Попчевски, Фаик Арслани и Мери Тромбева.
Досега, цели 12 години директорската функција на Академијата за судии и јавни обвинители ја извршуваше Анета Арнаудовска која беше критикувана во јавноста поради продолжувањето на мандатот, аферата со лажни дипломи и преименувањето на Академијата.
На денешната 138. седница на Управниот одбор беше разгледан и извештајот за досегашната работа на в.д. директорката на Академијата, Вјолца Елмази.
Виктор Јованов