Народниот правобранител денеска по повод Светскиот ден на бегалците преку соопштение изразува загрижност што Република Македонија овој ден го одбележува со, како што е наведено, политика на затворени граници кон бегалците, односно луѓето кои биле принудени да го напуштат својот дом поради конфликти или прогонувања.
– Народниот правобранител ги повикува надлежните институции на целосно почитување на правата на овие лица согласно меѓународните документи и особено Конвенцијата за статусот на Бегалците од 1951 како и Протоколот од 1967, се наведува во соопштението.
Истовремено, Народниот правобранител упатува апел за поголема солидарност со бегалците, во обид, како што истакнува, да се зачува нивното човеково достоинство и да се почувствуваат повторно безбедни, сигурни и прифатени во новата средина.
Генералното Собраните на Обединетите Нации во 2000 година го прогласи 20 јуни за Светски ден на бегалците, ден кој се одбележува скоро во сите делови во светот. Светскиот ден за бегалците е прогласен со единствена цел да „се привлече вниманието на меѓународната јавност за тешката положба на присилно раселените луѓе ширум светот“ во ситуација кога бројот на луѓе кои живеат далеку од своите домови драматично се зголемува секоја година.