Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања во врска со новиот систем на ЕУ на контрола на граничните премини и дали превозниците ќе имаат олеснувања, рече дека најмалку што може да направи ЕУ, ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа, е да не не дискриминира.
– Имаше регионална иницијатива не само од наша страна туку и од останатите шест земји од Западен Балкан. Треба час поскоро да се разгледа тоа и да се олесни пристапот на превозниците и онаа зелена лента што се најавуваше од Европската комисија да профункционира, и мислам дека тоа нема биде проблем. Но, она што јас ќе го покренам како прашање и на дискусијата сега со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но и на Берлинскиот процес, ќе биде токму тоа – кога ќе слетате на било кој европски аеродром на земја членка на ЕУ има натпис „граѓани на ЕУ“ и „граѓани кои не се од ЕУ“ а се дел од Европа и други граѓани, и ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа мислам дека најмалку што може да направи ЕУ е да не не дискриминира, сите да можеме да бидеме граѓани на Европа, потенцира Мицкоски.
Според него, не треба да бидеме дискриминирани зашто не сме дел од ЕУ и треба да поминуваме на брза трака, бидејќи сите поседуваме биометриски пасоши.
– Како велат тие, „Ако има волја има и начин“ (If there is a will there is a way). И еве ова нека биде првата испорака што би ја дала Европската унија за Западен Балкан и ова ќе биде дел од мојата дискусија со претседателската на Европската комисија Фон дер Лајен и со моите колеги и колегите од ЕУ за време на Берлинскиот процес, нагласи Мицкоски, по средбата со претставници на Стопанска комора на северо-западна Македонија, во рамки на изборната кампања.
Нихи Алиу, в.д. претседател на Стопанска комора на северо-западна Македонија истакна дека со новиот систем на гранична контрола засега немаат поплаки од превозниците, освен тоа што тие се жалат дека треба да биде пофункционален граничниот премин Блаце, но, вели таму нема подолг застој, чекањето понекогаш може да биде час два но не и повеќе.
ЕУ од вчера воведе нов систем на контрола на граничните премини за државјани од земјите надвор од шенген-зоната. Станува збор за почеток на работа на Системот за влез/излез (Entry/Exit System – EES) на Европската унија, кој дигитално ги бележи податоците за влез и излез на државјани од т.н. трети земји и го заменува досегашното рачно печатење на патни исправи.
Со новите правила се укинува досегашното физичко печатирање на пасошите – контролата ќе се врши електронски, а податоците ќе вклучуваат биометриски информации: фотографија и отпечатоци од прсти. По првичното внесување на податоците, патниците ќе поминуваат побрза проверка. Некои земји ќе овозможат и самостојна контрола преку автоматизирани уреди, наведува Комисијата. Системот ќе биде целосно функционален од 10 април 2026 година и треба да помогне во откривање нелегален престој и злоупотреби на документи.