Надзорна расправа во Собранието за процесот на децентрализација

Од:

Почитувањето на правичната застапеност за вработување во општините и на носењето на општинските одлуки со Бадинтеровиот принцип, распределбата на блок дотациите  во образовните институции во општините, рамномерноста на регионалниот развој. Тоа се дел од поставените прашања на денешната прва надзорна расправа во Собранието за имплементацијата на процесот на децентрализација.

Прв сведок на надзорната расправа беше министерот за локална самоуправа Тахир Хани, кој одговараше на прашања од членовите на Комисијата за локална самоуправа.

Во осврт на досегашните резултати од децентрализацијата, што почна во 2005 година, министерот оцени дека тој процес е еден од најсуштинските сегменти на Охридскиот рамковен договор. Преку имплементација на процесот во голема мерка се остварува  основната цел на договорот, евроатланските интеграции, развојот на демократијата и на граѓанското и мултикултурното општество.

– Во Република Македонија локалната власт  функционира со широк корпус на надлжености, вклучувајќи суштински, и има голема одговорност  во обезбедувањето на главните услуги за граѓаните. Локалната власт  е опфатена во сите главни процеси на државата вклучувајќи го тука и процесот на евроинтеграциите.  Активностите  што се остварени досега во рамки на политичката димензија претставуваат добра основа  за градење развиен систем на локална власт, оцени министерот Хани.

Според него, иако основните предизвици се уште не се надминати, единиците на локалната самоуправа сепак направиле голем чекор во градење на нивните капацитети за раководење со локалната власт, а сегашниот модел на финансирање ги дал очекуваните ефекти. Многу од урбаните општини  кои имаат поголеми финансиски ресурси воглавно успеале да одговорат на предизвиците, но  помалите општини се уште имаат ограничени финансиски и административни ресурси,  што се одразува врз нивната финансиска стабиулност и обезбедување услуги кон граѓаните, смета министерот.

Тој истакна дека буџетските средства за регионалниот рамномерен развој се уште се ограничени, а идниот предизвик  во таа насока е поврзување  на домашната политика за регионален развој со европската, преку  зајакнување на капацитетите на центрите за регионален развој и на општините за повлекување финансии од европските фондови.

Во текот на расправата пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Харалампие Шукароски праша   дали во општините каде Македонците не се мнозинство  и во кои има градоначалници Албанци се спроведува Рамковниот договор во делот на почитување на правичната застапеност за бројот на вработувања и процедурите со Бадинтерово гласање за одлуките кои ги засегаат сите заедници.

 – Имаме доста информации, конкретно за петтата изборна единица, за прекршување и неносење одредени одлуки според Бадинтеровиот принцип, или пак за несвикување на локалните комисии за односи меѓу заедниците. Како пример, во Општина Струга сите програми за образованието  не се донесенеи со Бадентеровуиот принцип, ниту пак е свикана Комисијата за односи меѓу заедниците. Неодамна вработените во  Кичево беа засегнати со одредени процеси, имаше отпуштање пред се на етнички Македонци. За во општина Сарај имаме информации дека не се почитува правичната застапеност односно дека нема вработени Македонци, рече Шукаровски и додаде дека е потребен одговор и з апочитувањето на законите за истакнувањето на националните симболи.

Министерот Хани  укажа дека за спроведување и почитување на тие законски  одредби се грижи Државниот  инспекторат за локална смаоуправа и најави дека наскоро во соработка со таа институција ќе понуди детална анализа за состојбите во сите општини.

– Вистина е дека во одредени општини имаме проблеми кои се покренати од Државниот инспекторат и во оваа насока мислам дека  сме активни. Сме дискутирале  со директорот на инспекторатот кој ќе излезе на терен и ќе види како се почитува функционирањето на комисијата за односи меѓу заедниците, употребата на албанскиот  јазик и симболите како и почитување на правичната застапеност. Третирани се некои проблеми во РМ со кои  во  рамки на Државниот инспекторат  се уште не е евидентиран некој потежок прекршок  во однос на нефукционирањето на  комисиите за односи меѓу заедниците, рече Хани и додаде дека во Општина Струга Државниот инспекторат се уште не излегол на терен.

Пратеникот од СДСМ Панче Орцев праша дали се користи можноста за вклучување на граѓаните во носење одлуки каде и како се трошат парите од општинските буџети и дали подеднакво се почитуваат критериумите за распределба на блок дотациите  за училиштата и градинките во општините.

Орцев побара одговор дали тие пари се делат селективно и од што се мотивирани. Министерот најави дека за тие прашања се потребни детални анализи и оти ќе достави писмен одговор.

За членот на Комисијата од ДУИ Ирфан Дехари предмет на интерес беше имплементацијата на Законот за рамномерен регионален развој.

Согласно Законот, појасни министерот,  државата одвојува 1 процент од БДП за рамномерен регионален развој. Тој се надева дека наскоро ќе се корегира забелешката од Европската комисија за одвојување повеќе финансии за таа намена. Главна цел, истакна, е намалување на големите разлики од аспект на развој на региони.

Пратеникот Орхан Ибраими од ДПА, пак, праша дали министерот смета дека Законот за територијална поделба е дискриминирачки за Албанците и дали ќе побара негова измена.

Според министерот за локална самоуправа, законите се менлива категорија, односно, како што рече, „измените може да се случат, но со консензус и со  доста силни аргумент, секако во интерес на граѓаните“.

–  За секоја идеја која може да произлезе за измени  на овој закон ние сме отворени, но треба да се создаде клима и можност, а аргументите треба да доминираат, наведе министерот за локална самоуправа.

Би можело да ве интересира

Новиот состав на Собранието треба да се конституира најдоцна 20 дена по изборите

Митрески: Борбата за работничките права не престанува никогаш

А1он

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов