Националниот парк Галичица со превентивни активности за спречување пожари

Од:

Претставници на ЈП „Национален парк – Галичица“ денеска остварија работна средба со раководни лица на Територијалната противпожарна единица од Охрид, насочена кон превенција на пожари, особено во престојниот временски период кога временските услови и покачените температури придонесуваат за поголема опасност од такви елементарни појави.

Како што истакна Наум Новески од Националниот парк – Галичица, службите на паркот изминатите денови регистрирале зачестени појави на палење стрништа во рамки на подготовките на земјоделците за пролетната сеидба, што претставува опасност од појава и неконтролирано ширење на пожари.

– Благодарение на брза интервенција на противпожарната служба спречени се пожари, но обврска ни е преземање активности за спречување на такви појави и информирање на населението за последиците од несовесно однесување, како предизвикување големи материјални штети, така и за казните предвидени со закон, истакна Новески.

Командирот на Противпожарната единица Спасе Прентоски истакна дека иако споредбено првото тромесечие оваа година бројот интервенции е далеку помал отколку истиот период во 2012, ваквите средби секако помагаат за подобрување на соработката за оперативно и тактичко делување за поголема ефикасност на заштитата на шумските и отворените простори на територијата што е под нивна надлежност.

На средбата беше истакната добрата соработка на противпожарната единица и на Националниот парк со месните заедници и населението што гравитира во рамки на паркот, но е упатен апел до граѓаните за одговорно однесување во насока на заштита на шумите како природно богатство и на природните реткости што се дел од Националниот парк.

Би можело да ве интересира

ЦУК: Од вкупно 22 пожари денес, само пет се активни

ЦУК: Од девет регистрирани пожари, четири се активни

ЦУК: Од вкупно 29 пожари во изминатите 24 часа, само три се активни

Горан Наумовски

Локализиран е пожарот во близина на Римскиот аквадукт кај Скопје, при гаснењето дошло до инцидент, па реагирала и полицијата

Горан Наумовски

ЦУК: Со денови гори букова шума на Кожуф

ЦУК: Пламна голем пожар во атарот на скопското село Батинци