Судењето за „крвавиот четврток“ денеска продолжи со читање на пораките од одземениот и вештачен мобилен телефон на обвинетиот пратеник Крсто Мукоски.
Пораките кои се пуштаат денеска во судницата се од Вибер и СМС комуникации на Мукоски направени на 27 април 2017.
Крсто Мукоски е обвинет во случајот 27 април за отворање на вратите од Собранието на РМ заедно со Сашо Василевски и Љубен Арнаудов со што дозволиле граѓаните насилно да влезат во парламентот каде беа нападнати пратеници.
На минатото рочиште беа читани СМС и Вибер пораки од вештачењето на мобилниот телефон на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски.
На претходните рочишта беа прегледани снимки од безбедносните камери во Собранието, од ходиникот пред канцеларијата на спикерот Трајко Вељаноски, ходниците што водат до и холот пред прес-салата во Собранието.
Судечкиот совет во предметот „27 април“ минатата недела одлучи да ја раздвои постапката за обвинетиот Сашо Марковски, кој заради нарушена здравствена состојба е на лекување во ГОБ „8 Септември“. Раздвоената постапка за Марковски ќе продолжи по еден месец, а претходно судот ќе побара мислење за неговата здравствена состојба.
За случајот „27 април“ обвинети се уште 32 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
Виктор Јованов