На изнудена комеморација ниту имињата на децата не им ги споменаа, жестока реакција на родителите по настанот во Собранието

Од:

Родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани изразија силно разочарување по комеморативната седница во Собранието, одржана по повод една година од пожарот во кој животот го загубија 63 млади лица.

Тие велат дека очекувале достоинствено одбележување на годишнината и оддавање почит на нивните деца, но наместо тоа, како што посочуваат, комеморацијата траела кратко и без да бидат спомнати имињата на жртвите.

„Денеска сме собрани овде, повикани од Владата за комеморација на нашите деца после една година од трагедијата. Очекувавме и се надевавме дека кога ќе дојдеме овде ќе им оддадат почит на нашите деца, но сè падна во вода. Комеморација за нашите деца – 63 жртви за една држава, со две страници читање и ајде чао, пријатно, толку беше. Ова е голем удар за нас родителите. Ова не го очекувавме, ова е уште една голема рана за нас родителите. После една година комеморација со две страници читање на напишан текст – катастрофа, многу големо разочарување“, изјави Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.

Таткото на Надица, Александар Наунов, исто така изрази револт од начинот на кој била одржана комеморацијата, посочувајќи дека родителите очекувале барем да бидат прочитани имињата на нивните деца.

„Очекувавме за секое дете да има барем по две минути да одвојат, бидејќи тоа им беше пренесено на сите институции. Но, за жал ниедно дете не беше удостоено со име и презиме споменато, туку слушнавме само правдања за Собранието и за одморот од две недели што си го зедоа по трагедијата. Една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација за нашите деца. Овој чин е задоцнет, но важен бидејќи покажува дека трагедијата во „Пулс“ не е само семејна болка туку и институционална одговорност. Очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда“, рече Наунов.

Драги Стојанов, татко на загинатиот Томче Стојанов, пак, рече дека е срамота што комеморацијата била организирана дури една година по трагедијата.

„Ова го нема ни во Авганистан ни во Пакистан. Уште и нè напаѓаат, нè гледаат како противници, како да сме виновни ние што ги испративме децата во дискотека. Барем малку да имаа доблест и чест кон децата. Ние ќе си плачеме на гробовите на нашите деца, а тие ќе се полнат со пари. Јас 60 години работам за да му изградам куќа на моето дете, а сега кому ќе му остане таа куќа? Ова не е судбина, туку убиство од небрежност на институциите. Ако институциите работеа како што треба, нашите деца денес ќе беа живи“, рече Стојанов.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март минатата година, при што животот го загубија 63 млади лица, а десетици беа повредени. Трагедијата се смета за една од најтешките во поновата историја на земјата.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Во Кочани изгоре неповратен дел од нашата душа, порача Гаши на Комеморацијата за трагедијата „Пулс“

Катерина Ѓуровски

Комеморативна седница во Собранието за годишнината од трагедијата во Кочани

Сопственикот на „Пулс“ останува во притвор во Куманово, газда „Деко“ има забелешки за затворскиот душек и честите претреси

Обвинетиот Милковски од аферата „Пулс“ вели: Јас не можам да се борам со животот, немам сили да доаѓам на судење

Продолжува процесот за пожарот во „Пулс“, се сослушуваат сведоци на Обвинителството

Граѓаните од денеска ги преземаат личните работи од трагедијата во „Пулс“