Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против З.Р.(1986) од Охрид, поради сторено едно кривично дело „поднесување лажни докази“.
Осомничениот на 28.09.2012 година, пред службениците на Управните служби на СВР Охрид, поднел барање за издавање нова биометриска лична карта, уплатница, изјава и добил потврда за поднесено барање за линча карта и начинот на испишување на податоците во лична карта, и потврда за подигање на лична карта од 10.10, 2012 година, на кои документи своерачно се потпишал. Во изјавата, како што соопшти денеска МВР, навел дека претходно издадената лична карта му била изгубена на точно неодреден датум, иако знаел дека наведената лична карта издадена од страна на СВР Охрид, на 25.03, 2010 година, не била изгубена. Тоа го сторил со цел да не ја врати во надлежните служби според членот 11 од Законот за лични карти.
На тој начин, пријавениот З.Р., успеал да ги доведе во заблуда службениците на Управните служби на СВР Охрид, МВР на РМ, при што се стекнал со две биометриски лични карти кои подоцна ги употребил.
Од извршените разговори, утврдено е дека пријавениот го сторил кривичното дело кое му се става на товар со претходна умисла. Тоа се потврдува и со исказот на сопственикот и главен и одговорен уредник на порталот „Ohridsky.com“. Имено, според негово кажување, тој бил повикан, од страна на лица од Изборниот штаб на партијата СДСМ од Охрид, при што му била презентирана веста дека во Охрид се издавале двојни лични карти. При тоа, од страна на осомничениот му биле презентирани неговите две лични карти, едната од 25.03.2010 година и втората од 01.10.2012 година и двете издадени од СВР Охрид. Откако ги фотографирал двете лични карти, делумно ги затемнил личните податоци и лицето на пријавениот, веста заедно со изработените фотографии ја објавил на неговиот интернет портал со конотација дека таквите „двојни“ биометриски лични карти биле издавани од страна на надлежните служби со цел „фалсификување на изборните резултати при одржувањето на локалните избори 2013 година“, кое нешто ја докажува умислата и целта кај пријавениот за сторувањето на кривичното дело за кое се товари.
Полицијата извршила разговор и со осомничениот кој во својата изјава посочил дека во август 2012 бил повикан во централата на Социјалдемократскиот сојуз во Скопје, а превозот му бил платен од штабот на партијата во Охрид. На состанокот, според неговиот исказ присуствувале повеќе лица кои биле поучени да поднесуваат барања за двојни лични карти по подрачните единици на Министерството со цел да се прикаже изборен фалсификат. Истиот во исказот посочил дека како надомест им биле ветени по 50 евра. Откако поднел барање и му била одобрена личната карта, бил повикан за да ја презентира, по што двете лични карти му биле одземени со ветување дека ќе му бидат вратени пред гласањето. Според неговите сознанија изнесени во изјавата, ваквото сценарио требало денес да биде обелоденето и на една од телевизиите.
МВР извршило претрес кај него дома, но двете лични карти не се пронајдени, додека според исказот на уредникот на „Ohridsky.com“, осомничениот си ги зел со него веднаш откако ги презентирал во штабот на СДСМ.
По дознавањето на случајот веднаш беше инволвиран и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди кој утврди пропусти во работењето на одговорната службеничка во Управните служби за што против истата ќе бидат преземени соодветни мерки.
Заради чувствителноста на информацијата, потенцираат од МВР, отпочната е контрола и во другите СВР.
