Планот А е полноправно членство во ЕУ и од тој план државата нема да скршне и нема никаква дилема околу нашата посветеност кон европскиот пат. Меѓутоа, она што го очекуваме од Унијата е предвидливост, односно билатералните прашања да останат билатерални и не прифаќаме решение по секоја цена, порача шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со неговата австриска колешка Беате Мајнл-Рајсингер.
Муцунски на новинарско прашање за пораките од претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта државава да се фокусира на планот А и оти на средба со претседателката Гордана Сиљановска Давкова кажал дека предлогот уставни измени со одложено дејство е неприфатлив за бугарската страна, повтори дека нашата стратешка цел за полноправно членство во ЕУ, државава постојано ја докажува со конкретни чекори.
– Ние сме прва земја во регионот којашто потпиша Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нешто што сега во актуелниот контекст се покажува како многу значајно. Земја лидер согласно став на високи претставници на ЕУ во делот на имплементација на Реформската агенда која е интегрален дел од Планот за раст. Значи, ние на дело покажуваме дека план А е полноправно членство во ЕУ, рече Муцунски.
Повтори дека како држава од Брисел очекуваме предвидливост и билатералните прашања да останат настрана од процесот на пристапување и оти се во постојана комуникација и со претставници на ЕУ, на змеји-членки, како и со претставници од Бугарија, при што некои средби се формални, а некои се неформални.
– Бараме решение коешто ќе ни обезбеди предвидливост напред кон членството, почит за нашето достоинство и идентитет, очекување дека и земјите членки на ЕУ ќе ги почитуваат оние принципи поврзани со малцински права, коишто очекуваат ние да ги почитуваме. И во тој контекст, доколку сите сме посветени кон европскиот пат, верувам дека секогаш ќе може да се најде рационално решение коешто ќе биде прифатливо не само за нас како Влада, туку и за сите граѓани кои живеат во државава, посочи Муцунски.
Министерот нагласи дека како Влада не се подготвени да прифатат концесии кои државата ќе ја стават повторно во оваа состојба како што е сега.
– Нашата позиција во однос на тоа прашање е кристално јасна, и тука не треба ниту граѓаните да имаат дилема, ниту вие како медиуми. Секогаш ќе има дијалог и секогаш ќе работиме, но ќе повторам нешто што постојано го кажувам – не решение по секоја цена и решенија коишто дополнително ќе биде ризик и камен на сопнување како ова решение од 2022 година што сега на дело се докажува дека е решение кое создава дополнителни проблеми меѓу државите, наместо да биде чекор напред, потенцира Муцунски.
Претседателот на Европскиот совет Кошта вчера за време на посетата на Скопје порача дека процесот на евроинтергација на земјава се одвива многу долго и оти сега е време да се испорачаат резултати. На новинарско прашање дали има план Б за тоа да се надминат барањата од страна на Бугарија, Кошта истакна дека не треба да се потценува планот А и дека треба да се фокусираме на негова испорака. Премиерот Мицкоски, пак, на заедничката прес-конференција со Кошта, изрази надеж дека во периодот што следи заеднички ќе го одблокираме овој процес. Премиерот потсети дека Кошта го пренел она што е став на ЕУ, додека Владата го пренела веќе познатиот став, односно дека не може да менуваме Устав, без да видиме јасна испорака од другата страна.