Арафат Муареми вели дека по сопствена волја се повлекува од директорската позиција во Финансиската полиција. Тој посочува дека одлуката ја носи за јавноста да нема сомнеж во постапувањето по предметот кој се води против него во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција. Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, вели Муареми.
Според него, одлуката на Јовески за супспензија на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска и дисциплинска постапка против обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска е исправна.
„Денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија даде јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви“, додава Муареми.
Оставката на Муареми која треба да ја поднесе до Владата доаѓа само неколку часа по дисциплинските постапки против трите обвинители.