„Мрежа 23+“: Неопходно е натамошно јакнење на независноста на судството

Од:

Неопходно е натамошно јакнење на независноста на судството, вклучително и на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, преку транспарентност во одлуките за именување и унапредување на судии и јавни обвинители, е еден од заклучоците од Извештајот во сенка за поглавјето 23: правосудство, борба против корупција и темелни права, што се однесува на периодот од мај 2016 до јануари 2018 година.

Во извештајот се разгледани правосудството, со посебен осврт кон независноста, непристрасноста, одговорноста, професионалноста, компетентноста и ефикасноста на судиите и судовите, борбата против корупцијата, за што е образложена работата на Државна комисија за спречување на корупцијата, како и конфискација на имот и заштита на укажувачит.

Исто така се разгедани и темелните права, за што е даден посебен акцент на Народниот правобранител, Уставниот суд, тортурата, затворите и притворите, ранливите групи и недискриминација, слободата на собирање и здружување, слободата на изразување и плурализам во медиумите, правото на почитување на приватниот и семејниот живот и комуникациите, правото на слобода и безбедност. Наведени се мерки против расизам и ксенофобија и говор на омраза, криминал од омраза, заштита на малцинствата и културни права, како и заштита на личните податоци.

Велимир Деловски од Хелсиншкиот комитет нагласи дека носењето на Стратегијата е позитивен чекор во насока на наоѓање на одржливи решенија за состојбите во правосудниот сектор.

– Потребно е дефинирање на критериумите за избор на членови на Судски совет и дефинирање на терминот „истакнат правник“, потребни се измени за воведување на механизми за одговорност на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и неопходна е поголема финансиска независност на судството, посочи Деловски.

Тој заклучи дека е добра определбата за вклопување на СЈО во рамки на ЈОРМ, со проширена надлежност за гонење на корупција од висок профил.

– За борба против корупција државата мора да ги имплементира препораките на ГРЕКО, со акцент на оние за судството, истакна Деловски.

Тој посочи дека во Извештајот е наведено дека Собранието треба сериозно да го разгледа Годишниот извештај на Народниот правобранител, и да утврди мерки за спроведување на дадените општи препораки.

Временскиот период што е предмет на овој извештај би можел јасно да се подели на три клучни етапи: период пред одржувањето на парламентарните избори, на 11 декември 2016 година, транзитен период по одржувањето на изборите, а пред конституирање на новата влада, на 31 мај 2017 година, како и период од изборот на новата Влада, до крајот на јануари 2018 година.

Извештајот е подготвен и објавен во рамки на проектот „Мрежа 23+“ што го имплементираат Институтот за европска политика Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права, а достапен е на македонски, албански и англиски јазик.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Судскиот совет ја отфрли Иницијативата од ДКСК за одговорност на членови од Управниот одбор на АСЈО