Трите лопати со кои денеска претпладне беше поставен камен-темелникот за изградба на црквата „Света Лидија Македонска“, во населбата Ченто, беа продадени за речиси 10.000 евра, на аукција што се одржа веднаш по завршувањето на церемонијата, која ја водеше Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
Златната лопата, за сума од 5.000 евра, ја купи ктиторот на црквата, Ѓорѓи Вуков, сребрената лопата достигна цена од 3.000 евра, додека најмногу пари, 1.500 евра, за бронзената лопата понуди градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, пренесува „Телма“.
На аукцијата наддаваше и скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, но не успеа да купи ниту една од трите понудени лопати. Од МПЦ, како што пренесува „Телма“, објаснуваат дека ова е еден од начините за прибирање средства за изградба на православни објекти и дека лицитацијата на лопатите не е во спротивност со ништо.