Своите активности за набљудување на референдумското изјаснување, МОСТ, по покана на предлагачот на референдумот – општина Центар, ги започна уште со распишување на референдумот, при што беа следени и јавните настани и кампањата.
Кампања за референдумот беше позитивна и главно ја водеше една граѓанска организација која беше „ЗА“ референдумското прашање. Во рамките на кампањата најчесто беа организирани средби и дебати со граѓани, а поголемиот дел од настаните беа од едукативен и културно-забавен карактер. На активностите во рамките на кампањата учествуваа и претставници на предлагачот на референдумот, како и претставници на опозицијата. Иако јавно не се водеше кампања за бојкот на референдумот, имајќи ја предвид важноста на одѕивот на гласачите за успешноста на референдумот, имаше дојави дека се вршат притисоци врз гласачите да не излегуваат на гласање, а констатирано беше и уништување на пропагандниот материјал.
При спроведувањето на активностите за организирање на референдумот се покажа дека е потребно усогласување на Законот за референдум и граѓанска иницијатива со Изборниот законик во однос на формирањето на избирачките одбори, рокот за вршење на увид во Избирачкиот список, како и заштитата на избирачкото право.
Фактот што Избирачкиот список се уште не е проверен и прочистен, како и податокот дека во општина Центар постојат адреси на кои се регистрирани по неколку десетици избирачи може да остави простор за одредено ниво на сомнеж во резултатите за одѕивот на граѓаните.
Во текот на денот најчести проблеми за кои известуваа нашите набљудувачи беа погрешно откинување на гласачките ливчиња, како и граѓани кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список. На дел од гласачките места ова создаде конфузија кај граѓаните. При крајот на денот на гласањето пред ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ биле забележани лица кои ги евидентирале гласачите, а дел од нив и ги одвратиле од гласање. Била повикана полиција која ги отстранила лицата од пред училиштето.
Во текот на денот беше отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080 на која граѓаните најчесто известуваа дека не можат да се пронајдат во Избирачкиот список.
Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по часови бил следниот:
09 часот 2,83%
10 часот 5,95%
11 часот 10,29%
12 часот 15,85%
13 часот 21,74%
14 часот 26,15%
15 часот 29,61%
16 часот 32,21%
17 часот 34,55%
18 часот 37,49%
19 часот 40,46%
Според обработените податоци од 91% од гласачките места, резултатите од гласањето се следни: 96,2% гласале „ЗА“, а 3,8% гласале „ПРОТИВ“ референдумското прашање.