МОСТ: Сомнителни гласачи во Центар

Од:

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше вториот круг од гласањето на локалните избори со 2.080 набљудувачи, со што беа опфатени околу 55-60% во секоја од општините во кои се спроведуваше гласање на 7 април. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лица во домашен притвор беа ангажирани 63 набљудувачи при што беше следена работата на 117 ИО и гласањето на 1.020 лица. За гласањето на избирачите во казнено-поправните установи беа ангажирани 9 набљудувачи. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии.

Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 43 мобилни тимови, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ги набљудуваа избирачките места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 27 регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 7-ми април беше спроведено во генерално мирна атмосфера со незначително намален број на нерегуларности, но во околности во кои се покрена прашањето околу квалитетот на Избирачкиот список и довербата во истиот.

Најчести нерегуларности за кои известуваа нашите набљудувачи се: семејно гласање, некористење на УВ ламбата и спрејот, фотографирање на гласачките ливчиња, како и непочитување и злоупотреба на процедурата за гласање на лица кои не можат да гласаат сами. Обврска на избирачките одбори е да ги спречат ваквите нерегуларности.

На одредени избирачки места во општина Кочани беа забележани проблеми со изводите од Избирачкиот список, односно недостасуваа една или неколку страници од Избирачкиот список. Овие ситуации беа надминати со соодветна реакција од страна на ОИК Кочани.

И на овие избори повторно бевме сведоци на одредени ситуации кои оставаат простор за недоверба во податоците во Избирачкиот список.

Имено, на одредени избирачки места во општина Центар се појавиле лица за кои имало сомневање дали живеат во општина Центар и избирачките одбори имале дилема дали да им дозволат да гласаат. Во периодот пред првиот изборен круг една од политичките партии побара од ДИК да провери врз која основа 13.869 избирачи се запишани во Избирачкиот список. ДИК ова барање го проследи до МВР со оглед на тоа што МВР е надлежен орган за издавање на лични документи. До денес, оваа институција не се изјасни по ова барање.

ДИК донесе заклучок за вториот круг да не дозволи гласање на лица со патни исправи во кои не е наведена адреса на живеење во РМ. Сепак, со оглед на тоа што според Изборниот законик во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, овој акт претставува само појаснување на законските одредби.

Во однос на предвременото гласање, иако и Државната изборна комисија и МОСТ апелираа за внимателно постапување при одобрувањето на барањата за овој вид гласање, сепак повторно бележиме зголемување на бројот на пријавени лица. Имено, доколку се анализираат само општините во кои се спроведе втор изборен круг, вклучувајќи ги и сите општини во градот Скопје, може да се забележи дека во првиот изборен круг во овие општини биле пријавени 4.841 лице, додека пак за вториот круг се пријавиле 6.211 лица, што претставува зголемување на бројот на пријавени лица за овој вид гласање за 28,3%.

Ако во првиот изборен круг позитивен пример беше само ОИК Теарце, овој пат тоа е и ОИК Тетово. Имено, при одлучувањето дали ќе ги одобри барањата за предвремено гласање, ОИК Тетово ангажирала медицинско лице кое ја проверило медицинската документација. По извршената проверка, од поднесени приближно 324 барања, биле прифатени само 81. Ова е позитивен пример и добра практика која што во иднина треба да ја следат сите општински изборни комисии.

При спроведувањето на овој вид гласање нашите набљудувачи забележале некористење на УВ ламбата и спрејот, случаи на лица кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список и непочитување на тајноста на гласот. Исто така, дел од ИО не го носеле со себе комплетниот изборен материјал предвиден за овој вид гласање.

Како позитивна се оценува одлуката на ДИК да ја разреши ОИК Чаир и ИО во 13-те ИМ во кои беа поништени првичните официјални резултати за избор на градоначалник на општина Чаир во првиот изборен круг. Се надеваме дека оваа одлука ќе делува превентивно и дека во иднина изборните органи во својата работа ќе се придржуваат кон законските одредби. Сепак, останува да се види дали јавното обвинителство ќе поведе постапка за овој случај.

Изборната кампања за вториот круг се карактеризираше со пониско ниво на теренска активност од страна на политичките субјекти, претежно преку одржување на помали митинзи и кампања од врата до врата. Од друга страна, кампањата беше поприсутна и поагресивна во медиумите. Кампањата се одвиваше со понизок интензитет во првата недела, со оглед на тоа што во тек беше процесот на одлучување по приговорите и тужбите за првиот изборен круг. Активностите беа интензивирани во последните денови пред започнување на изборниот молк. Во текот на кампањата за вториот изборен круг беа забележани низа партиски настапи и поддршки за актуелните кандидати од страна на оние кандидати кои што не успеаја да влезат во вториот изборен круг. Исто така, ваква поддршка даваа и кандидати кои победија во првиот изборен круг, а продолжи и поддршката на кандидатите од страна на централната власт. Беа регистрирани случаи во кои дел од актуелните градоначалници изведуваа инфраструктурни зафати во текот на овој период. Потенцираме дека доколку ваквите зафати не се дел од планираните активности со буџетот на општината претставуваат прекршување на изборните правила и злоупотреба на државните и јавните ресурси.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар