Пратеничката и претседателка на Форумот на жени на ДОМ, Маја Морачанин, во своето обраќање во Собранието го истакна значењето на медиумите во унапредувањето на правата на жените и родовата еднаквост.
Таа се осврна на Извештајот за родот во телевизиските програми во 2016 година изработен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Според спроведената родова анализа на дневните вести од вкупно 876 презентирани прилози само 2 прилога содржеле родова проблематика. Од вкупниот број соговорници само 25% биле жени. Морачанин ја истакна и важноста на употребата на родово афирмативен јазик, односно точен граматички род при претставувањето на професијата и функцијата на соговорничките.
Во текот на излагањето, таа ја осуди т.н. кампања за „пре-еманципирани“ жени, која во изминатиот период се емитуваше на неколку радиостаници.
„Тоа е всушност кампања против еманципираните жени, со која се врши дискриминација врз основа на род и се шири мизогинија. Граѓаните тоа го препознаа и по остри критики од страна на јавноста и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, оваа дискриминирачка кампања беше прекината. За развој на македонското општество неопходно е унапредување на родовата еднаквост”- рече Морачанин.