Морачанин: Љубовта не смее да претставува основ за дискриминација

Од:

Пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, учествуваше како панелист на јавната дебата „Љубовта не познава граници”, организирана по повод меѓународниот ден против хомофобија, бифобија и трансфобија, во Тетово. Таа истакна дека согласно Зелената идеологија, во изминатите години ДОМ принципиелно и јавно се залагал за правата на ЛГБТИ лицата.

„Претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска како пратеничка во поранешниот собраниски состав, постави пратенички прашања за нападите врз ЛГБТИ лицата до тогашната Министерката за внатрешни работи и Јавниот обвинител и водејќи ја собраниската Комисија за еднакви можности помеѓу мажите и жените ја овозможи првата јавна расправа за третманот на ЛГБТИ лицата. Како одлучувачки глас ги спречи уставните измени кои предвидуваа забрана за вонбрачна заедница помеѓу истополови двојки. Исто така предложи измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација со внесување на термините сексуална ориентација и родов идентитет како основи за дискриминација, но за жал недостасуваше политичка воља за нивно прифаќање”- потсети Морачанин.

Потенцираше дека ДОМ и во иднина ќе продолжи да се бори за заштита на правата на ЛГБТИ лицата и спречување на нивна дискриминација. „Верувам дека новиот парламентарен состав ќе покаже вистински демократски капацитет и ќе овозможи целосна заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата” – порача таа.

Истакна дека од исклучителна важност е борбата против стереотипите и предрасудите, говорот на омраза и насилството врз ЛГБТИ лицата.

„Несанкционирањето на говорот на омраза и насилството води кон поттикнување на овие кривични дела. Навременото и професионално постапување на надлежните институции како МВР, обвинителството, судот, Комисијата за заштита од дискриминација ќе испрати јасна порака дека ваквите појави не се толерираат и ќе делува превентивно на нивното повторување. Секако, не помалку значајна е и улогата на медиумите и воспитно-образовните институции. Неопходно е спроведување на обуки на вработените во институциите, новинарите и наставниците за препознавање на говорот на омраза и нивна активна улога во промоција на толеранцијата и недискриминацијата на ЛГБТИ лицата. Потребно е внесување ЛГБТИ сензитивни содржини во учебниците и медиумите со цел сензибилизирање на јавноста”- рече таа.

„Сексуалната ориентација е интимно чувство базирано на љубов, а љубовта не смее да претставува основ за дискриминација на било кој поединец или група во општеството. Потенцијалот за развој на нашето општество лежи во нашите различности, вклучително и различната сексуална ориентација, како што сјајот на белата светлина потекнува од целиот спектар на сите бои на виножитото”- заврши Морачанин.

Би можело да ве интересира

Жител од Демир Капија обвинет поради омраза кон маргинализирана група

А1он

ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, за продолжување на евроинтеграциските процеси

ДОМ со условена поддршка за Владата

Катерина Ѓуровски

Маја Морачанин повторно избрана за претседателка на ДОМ

Ана Ололовска

„Никој не не прашува ништо“ – Студентите гневни на мерките за штедење, државата бара од нив да имаат разбирање

Орце Костов

ДОМ не го поддржува францускиот предлог