Петнаесеттина млади студенти по архитектура, искусни архитекти и дизајнери од Европа, до крајот на месецот ќе работат на новото архитектонско решение на градскиот плоштад во Струга и центарот на градот во рамки на проектот „Градот никогаш не спие“.
Проектот „Градот кој никогаш не спие“ го реализира асоцијацијата „Креативни и активни“ со поддршка на Фондот за развој „Принц Клаус“ од Холандија и во соработка со општина Струга.
Креативната работилницата во рамки на овој проект на која ќе се изработуваат идејните решенија за подобар изглед на Струга ќе трае до 30.април.
Според стружанецот Гоце Чавкоски, кој е студент на Техничкиот универзитет во Виена, Австрија, во креирањето на новите урбани решенија за строгото централно градско јадро ќе бидат вклучени и граѓаните.
– Ќе дадеме еден поинаков тек и транспарентен однос, затоа што во целата ситуација досега не сум видел дека архитектурата се третира како еден јавен процес. Ќе ги инволвираме сите граѓани, ќе го слушнеме нивното мислење и на крајот, ќе донесеме квалитетен и транспарентен заеднички проект со кој сите граѓани во оваа општина ќе бидат задоволни, вели Чавкоски.
Еден од учесниците во креирањето нови урбанистички решенија за Струга е архитектот Енрит Кадриу од Косово. Тој е вклучен во проект за изградба на еко-село во неговата земја, и смета дека тоа искуство ќе му помогне да го даде својот придонес и во изработката на слични архитектонски решенија и во Струга.
– Проектот „Еко-село во Косово“ го започна меѓународната организа
ција „Унавижн“ која освен во Косово делува и во Македонија. Таа ги собра на едно место младите луѓе од Косово од различни сфери, од архитектура, економија, психологија, со кои сакаме да создадеме една заедница на луѓе кои ќе може да комуницираат со просторот и со природата и ќе живеат еколошки живот. Со проектот што во почетна фаза, планираме да изградиме околу 300 куќи од еколошки материјали и материјали кои можат да се рециклираат, вели Кадриу.