Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак“ изминатата недела ја одбележуваше Меѓународната недела на глуви лица. Оваа иницијатива на Светската федерација на глуви се одбележува во последната недела од септември секоја година, со цел да се подигне свеста за правата на глувите лица и да се признае употребата на знаковните јазици во сите аспекти од општествениот живот.
Како дел од активностите членовите на „Млад знак” со поддршка од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица на Северна Македонија одржа настан на кој пошироката јавност имаше можност да се запознае со дел од нивната култура и нивното основно средство за комуникација – македонскиот знаковен јазик, соопшти здружението „Млад знак“.
-Знаковниот јазик е природниот јазик на глувите лица, нивниот лингвистички идентитет и основно средство за комуникација. Повеќе од 200 различни знаковни јазици кои се користат во светот, се мајчин јазик на повеќе од 70 милиони глуви лица ширум светот. Знаковните јазици исто така се мајчин јазик на децата кои слушаат, а потекнуваат од семејство на глуви родители. Знаковните јазици се полноправни јазици и иако се структурно различни од говорните јазици, ги имаат истите јазични својства, па затоа заслужуваат да го добијат истото законско признавање и да добијат еднаков статус со говорните јазици. Само на тој начин владите ќе бидат обврзани да ги преземат соодветните чекори за да обезбедат услуги и пристап до знаковниот јазик, стои во соопштението.
Раното откривање на оштетувањето на слухот кај децата и обезбедување пристап до знаковен јазик во раното детство, како што потенцираат од здружението, е многу важно за развојот на глувите деца.
Затоа, наведуваат, е неопходно воведување неонатален скрининг на слухот во нашата држава, кој ќе ги опфати сите новороденчиња, без исклучок. Само на тој начин навреме ќе се открие оштетувањето на слухот и ќе може да се започне со интервенција која ќе вклучува услуги за бесплатно изучување на знаковниот јазик за семејствата на глувите деца. Деведесет и пет отсто од глувите деца се раѓаат во семејства во кои родителите слушаат и не се информирани за постоењето на знаковниот јазик и важноста на неговата употреба во комуникација со нивните глуви деца. Затоа повеќето од овие деца многу доцна или воопшто не се изложуваат на знаковниот јазик, што може да резултира со задоцнет когнитивен развој и помалку шанси успешно да се совладаат јазикот и комуникацијата.
-Доколку семејствата имаат пристап до знаковниот јазик, веднаш по откривање на оштетувањето на слухот кај нивното дете, и го користат во секојдневната комуникација во домот, тоа ќе помогне во развојот на јазикот и збогатување на вокабуларот на нивните глуви деца, ќе ја олесни комуникацијата помеѓу членовите на семејството и ќе им овозможи на децата полесно да ги искажат своите потреби и мислења, да напредуваат и да се развиваат, стои во соопштението.
Се упатува и на тоа дека услугите за семејствата треба да се обезбедат и во текот на образованието на нивните глуви деца. Пристапот до инклузивно – двојазично образование на македонски знаковен јазик – ќе им овозможи на глувите деца да продолжат да се развиваат, да го достигнат својот потенцијал и да станат рамноправни членови во заедницата и активно учествуваат во сите аспекти на општественото живеење. Исто така, на глувите лица треба да им се обезбеди пристап услуги од сертифицирани толкувачи на македонски знаковен јазик во високото образование, сите институции за здравствена заштита и во правосудниот систем.
–Нешто што е помалку познато е тоа дека знаковниот јазик, со мало прилагодување, може да биде одлична алатка за подобрување на комуникацијата и кај лицата со аутизам. Нашето здружение во изминатиот период соработуваше со здружението „Сина Светулка” во изработка на видеа со поими од македонскиот знаковен јазик, кои беа прилагодени на едноставен знаковен јазик и се наменети за семејствата на деца со аутизам и стручните лица кои работат со оваа популација. Видеата заедно со други ресурси за работа со деца со аутизам се достапни на https://sinasvetulka.mk/, информираат од здружението.