Претседателот на Собранието, Јован Митрески на денешната редовна понеделничка координација со првите луѓе на пратеничките групи донеле одлука да се предложат измени на Законот за високото образование, со кои, се очекува, да се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи.
-Со цел да ја надминеме нерамноправната положба на вработените во петте државни универзитети: „Гоце Делчев“- Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Државен Универзитет во Тетово, „Св. Апостол Павле“, како и во Универзитетот „Мајка Тереза“, на денешната координација донесовме одлука да предложиме измени на Законот за високото образование, со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите за сите, напиша Митрески на својот Фејсбук профил.
На овој начин, посочува тој, го унапредуваме стандардот на сите вработени во високообразовната дејност, но и инвестираме во образованието и во иднината на младите генерации.
Митрески ги повикува сите пратеници да го поддржат ова законско решение, бидејќи, како што вели во образованието е прашање за кое е неопходен консензус и за кое нема простор за политички или партиски калкулации.