Со музика од локалниот бенд „Астра“ и голем огномет на градскиот плоштад во Ресен синоќа беше испратена старата и пречекана Новата 2017 година.
Граѓаните си посакаа здравје, успех, љубов и среќа, а градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски на сите им посака успешна и бериќетна година.
– Ви посакувам среќна, успешна и бериќетна Нова 2017 година. Нека ви донесе многу здравје, среќа и успех на секој план. Во Новата година да ви се исполнат сите желби и да продолжиме сите заедно да чекориме напред, кон поубава, поуспешна и попросперитетна иднина, рече Стрезовски.
Весело и празнично беше и низ угостителските објекти, каде посебно помладите преспанчани со игра и песна ја пречекаа Новата година.
За време на новогодишната прослава не беа забележани нарушувања на јавниот ред и мир, а немаше ни зголемен број на интервенции од брзата помош или противпожарната единица во Ресен.
Традиционално претходниот ден на градскиот плоштад во организација на Домот на култура „Драги Тозија“ за најмладите се одржа предновогодишен хепенинг, а беше изведена и детската претстава „Потрага по Дедо Мраз“.