Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска ќе престојува во прва билатерална посета на Атина, јави дописникот на МИА од Грција.
Попоски во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас со кого се очекува да разговараат за повеќе теми, меѓу кои и за кризата со бегалците и мигрантите, мерките за градење доверба, прашањето за името, како и за други билатерални прашања.
Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски последен пат во грчкиот главен град престојуваше во април минатата година, кога учествуваше на неформалниот министерски состанок на ЕУ, Гимних, за време на грчкото претседателство со Унијата.
Коѕиас ја посети Македонија во јуни годинава, во рамки на турнејата во неколку главни градови на Западен Балкан.