Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој присуствува на Самитот на НАТО во Кардиф, оствари средби со заменик-помошникот на Секретарот за одбрана на Русија, Украина и Евроазија, Евелин Фаркаш, како и со заменик-помошникот на Секретарот за одбрана за Европска унија и НАТО, Џејмс Таунсенд.
На средбите, како што информира ресорното Министерство, се разговарало за идните чекори на НАТО, за состанокот на ниво на министри за одбрана и новата платформа за интероперабилност, зановата мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан и идниот придонес на Република Македонија.
Разменети се и мислења и за престојниот СЕЕДМ состанок што ќе се одржи во Будва, а на кој главна тема ќе биде регионалната соработка на полето на одбраната на земјите од Југоисточна Европа.
Министерот Јолевски разговарал за програмите за соработка меѓу двете земји при што станало збор и за иницијативата за интероперабилноста на НАТО, во која ќе се вклучи и АРМ.
На вториот ден од Самитот, министерот Јолевски се сретна и со неговите колеги од Латвија, Естонија и Турција, Рајмондс Вејонис, Свен Миксер и Исмет Јилмаз.
На средбите е разгледана можноста за размена на питомци, професори и споделување на искуства меѓу академиите.
Со естонскиот министер за одбрана, разменети се мислења за идните чекори за соработка во областа за сајбер безбедноста при што министерот Јолевски искажал задоволство од досегашната обука за цивилниот и воениот персонал од Министерството и АРМ во институциите за едукација и тренинг во овие земји.
На средбата со турскиот министер за одбрана констатирано е дека соработката во областа на одбраната е одлична и искажана е подготвеност за нејзино натамошно унапредување.
Министерот Јилмаз истакнал дека Македонија е вистински пример за мултиетничка, мултикултурна демократија и оти нејзиното место е меѓу земјите членки на НАТО.
Министерот Јолевски упатил покана до неговиот естонски и латвиски колега да ја посетат Република Македонија, а истовремено добил покана од турскиот министер Јилмаз.