Министерот Џафери и началникот на ГШ на АРМ Котески на средба со пензионираните генерали

Од:

Министерот за одбрана Талат Џафери и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал мајор Горанчо Котески денеска, во рамки на одбележувањето на Денот на АРМ – 18 Август, се сретнаа со поранешните началници на ГШ на АРМ и пензионираните генерали.

Со оваа активност, им порача министерот Џафери, покажуваме дека вие не сте заборавени, туку напротив, вашето искуство е добредојдено.

Началникот на ГШ на АРМ, Котески, посочи дека денешниот ручек е начин за споделување на информации и мислења поврзани со процесите за развој и трансформација на АРМ.

– Вие оставивте белег во АРМ, вие сте мои и наши учители. Армијата е и ќе остане ваша куќа, рече генералот Котески во обраќањето пред пензионираните генерали.

На средбата, на која присуствуваа и заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Насер Сејдини, државниот секретар Сашо Стефановски и директорот на ГШ на АРМ бригаден генерал Димче Петровски, пензионираните генерали беа информирани за достигнувањата на АРМ на полето на реформите и трансформацијата, моментниот статус на единиците, како и предизвиците на АРМ во наредниот период.

Генерал-мајор во пензија Илија Николовски, претседател на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната на Република Македонија оценувајќи ја средбата како корисна, упати забелешка за стандардот на АРМ и нагласи дека целокупната економска ситуација во државата се одразува и на армијата.

– Стандардот на Армијата е на многу ниско ниво. Мислам дека 1994/95 година за некои работи војската беше поопремена во однос на секојдневни работи како што се униформа и храна, изјави Николовски.

Според него, ако сме се определиле за членство во НАТО и ЕУ, буџетот за одбраната треба да биде поголем, затоа што, главен носител на реформите во државата е АРМ односно одбраната.

– Вие знаете дека на примопредавањето на должноста поранешниот министер за одбрана Фатмир Бесими му посака на новиот министер да ги облече војниците во униформа, што е контрапродуктивна изјава, смета генерал-мајор во пензија Илија Николовски.

Во Домот на АРМ, а како дел од активностите за одбележување на Денот на Армијата, отворена беше и изложба на фотографии од позначајните настани во Министерството и во АРМ, од животот и работата на припадниците на АРМ, како и на поголем број плакети, значки, монети, армиски признанија, ознаки.

Во рамки на поставката, првпат се изложени знамиња на единиците на АРМ кои не се во употреба, додека истовремено првпат пред јавноста е изложено и највисокото одликување – Орденот за воени заслуги, кој се доделува од страна на претседателот на Република Македонија.

Изложбата, која беше отворена од министерот Џафери и генералот Котески, а посетена и од заменик-министерот Димитриев и пензионираните генерали, ќе биде отворена за посетители до петок, 16 август.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната