Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на меѓународна конференција „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“, одржана во Рим. На панелот посветен на реформата на јавната администрација и европската интеграција, тој ги претстави главните приоритети на Владата: професионална, ефикасна и транспарентна администрација како сервис на граѓаните и носител на европски вредности.
Настанот, организиран од Министерството за јавна администрација на Италија, Националната школа за администрација на Италија (SNA) и Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА) ги обедини министрите од регионот, високи претставници од европските институции и експерти од областа на јавната администрација.
На конференцијата, како што соопшти Министерството, се обратија италијанскиот министер за јавна администрација Паоло Зангрило, претседателката на Националната школа за администрација Паола Северино и директорката на РеСПА Маја Хаџиска-Трендафилова.
Во своето обраќање, министерот Минчев ги претстави главните реформски приоритети на Владата во областа на јавната администрација и ја истакна стратешката насока на државата во процесот на европска интеграција.
-Нашата цел е да изградиме ефикасна, професионална и транспарентна администрација што ќе биде вистински сервис на граѓаните и носител на европските вредности, истакна Минчев.
Министерот се осврна и на новата законска рамка за јавната служба, посочувајќи дека трите нови системски закони поставуваат темели за современ и европски модел на управување со човечките ресурси.
-Преку новите закони воспоставуваме мерит-систем заснован на професионалност, компетенции и интегритет. Нашата цел е администрација што ќе функционира според правила, а не според исклучоци, потенцираше Минчев.
Посебен акцент, како што рече Минчев, беше ставен на процесот за воспоставување на Законот за високата раководна служба.
-Со овој закон создадовме основа за професионален управувачки кадар избран според заслуги, а не според политичка припадност. Тоа е клучно за стабилно и континуирано функционирање на институциите, додаде тој.
Во однос на регионалната соработка, министерот истакна дека реформските процеси не можат да се спроведуваат изолирано и дека размената на искуства преку иницијативите на РеСПА претставува значаен поттик за унапредување на административните стандарди во регионот.
Министерот Минчев на крајот нагласи дека јавната администрација треба да биде движечка сила на промените, нагласувајќи дека професионалноста и дигитализацијата се клучните механизми што ја зајакнуваат довербата и го поттикнуваат европскиот напредок. Тој порача дека Министерството ќе продолжи проактивно да ги спроведува реформите што ја подигнуваат ефикасноста, транспарентноста и одговорноста на институциите, со единствена цел, администрација што вистински им служи на граѓаните и ја води државата напред кон Европската Унија.
