Минчев: Академијата за јавна администрација ќе понуди структуирани обуки и развој на компетенции

Од:

Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници е суштинска реформа која ја премостува децениската празнина меѓу стремежот кон европска администрација и реалноста што се гради денес, порача денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев на јавната дискусија „Инвестиција во знаење – пат кон поефикасна администрација“.

-Со овој закон поставуваме темели на систем кој ќе биде транспарентен, ефикасен и чесен систем што ќе се потпира на професионалци, во кој ќе се напредува со знаење, а не со врски, нагласи Минчев.

Според него, формирањето на Академија за јавна администрација, ќе понуди структуирани обуки и развој на компетенции, а секој нововработен ќе помине 120 часа обука и ќе полага пред стручна комисија.

Францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер, ја потврди поддршката од Франција за реформите, нагласувајќи дека модернизацијата на администрацијата е клучна не само за европската интеграција, туку и за граѓаните.

-Реформата на јавната администрација е неопходна за граѓаните кои очекуваат ефикасна, модерна и транспарентна администрација. Довербата во администрацијата е темел на довербата во демократијата, порача Ле Риголер.

Тој го најави проектот за поддршка на формирањето на Академијата, планирана за 2027 година, и подвлече дека Франција ќе го стави на располагање најдоброто од својата експертиза.

-Обуката е суштинска, но уште поважно е да се изберат најдобрите, да се вреднува нивниот труд и да им се овозможи развој, додаде амбасадорот.

Извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска Сачмароска, го нагласи значењето на културата на учење во институциите, повикувајќи на промена во перцепцијата на обуките.

-Не е доволна само Академијата, неопходно е да изградиме култура на учење, која ќе им овозможи на вработените да развиваат нови компетенции, рече Малеска Сачмароска.

Таа предупреди дека обуките често се гледаат како формалност, а не како инвестиција, и повика раководните структури да ги третираат како вложување со највисок поврат.

-Инвестицијата во знаење е инвестиција во иднината на државата. Вработените треба да го доживуваат учењето не како обврска, туку како можност за личен и професионален развој, заклучи таа.

Би можело да ве интересира

Продлабочувањето на соработката во фокус на средбата Минчев-Сулстром

Минчев: Државата не се гради само преку закони, туку преку институциите што ги имплементираат и луѓето што ги спроведуваат тие закони

Минчев: Храброста и идеалите на борците не водат во напорите за градење современа, демократска и праведна држава

Горан Минчев во Кочани: Поддршка за советничката листа и за Грозданов

Минчев: Европеизацијата не почнува во Брисел – почнува овде со секој службеник кој ја работи својата работа со чест, со почит и со интегритет

Минчев: Реформите не се затворен процес