„Одземањето на дозволата за емитување на А2 телевизија од страна на Советот за радиодифузија поради непочитување на програмскиот формат сериозно ја загрозува слободата на изразувањето и медиумскиот плурализам во Р.Македонија“, стои во реакцијата на МИМ, по одлуката на Советот за радио-дифузија за одземање на лиценцата на А2 телевизија.
„Членот 63 од Законот за радиодифузија не содржи експлицитна одредба дека основ за одземање на дозвола може да биде непочитување на програмскиот формат. Експертите на Советот на Европа, при изготвувањето на Законот за радиодифузија од 2005 година, децидно предупредија дека таква одредба во законот не смее да постои, заради можноста од нејзина злоупотреба.
Советот за радиодифузија треба да ја информира јавноста дали и другите телевизии во целост се придржуваат кон програмскиот формат, или се работи за селективна примена на Законот.
Ваквиот начин на справување со сложените медиумски состојби од страна на институциите придонесува за натамошно влошување на демократскиот амбиент и слободата на медиумите во земјава“, се вели во соопштението на МИМ.