Антонио Милошоски по денешната прес-конференција на која што зборуваше за пронајдената бомба во куќата на неговите родители, одговарајќи на новинарски прашања кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува на секој може начин кој што го сметаат за користен за граѓаните и дека не го признаваат Талат Џафери за легитимен претседател на Собранието.
Според информациите СДСМ на некој начин се обидува да го услови одржувањето на локалните избори со давање на мандат на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов за состав на нова Влада. Кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ?
Локалната самоуправа е уставна категорија на која што граѓаните имаат право, и таа на ниеден начин не е поврзана со Претседателот на државата или со извршната власт. Локалните избори мора да се одржат што поскоро за граѓаните да имаат градоначалници, општини и од нив надлежности и функции без разлика дали Претседателот на државата или другите лидери на политички партии имаат разлики по однос на прашањата поврзани со извршната власт. Затоа сметаме дека СДСМ на еден многу непринципиелен начин го уценува овозможувањето на локални избори со поврзување за очекуваниот или посакуваниот мандат од господинот Заев. И сметаме дека покажува страв да се соочи на брзи и скорешни локални избори каде што граѓаните ќе можат да одлучуваат за своите локални потреби.
Дали ќе присуствувате на утрешната координативна средба во Собранието на Република Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ ќе дејствува на секој можен начин кој што сметаме дека ќе биде корисен за граѓаните и во интерес на државата. И без разлика на нашите постапки во собранието ние имаме еден принципиелен став. Господинот Талат Џафери има мандат да биде пратеник но нема легалитет да биде Претседател на тоа Собрание, бидејќи како човек со амбиција да биде прв меѓу еднаквите треба прв да го брани деловникот, а не прв да го крши ако е во прашање неговата лична политичка амбиција.
Вчера г. Тодоров беше на средбата свикана од г. Талат Џафери, како го објаснувате тоа, не го признавате Талат Џафери како Претседател на Собранието?
Господинот Џафери има мандат да биде пратеник и тој е верификуван и е представник на политичка партија, на ДУИ. Но без разлика на тоа што е представник на политичка партија ние не можеме нелегалниот избор и кршењето на деловникот со цел да се оствари неговата лична политичка амбиција, Претседател на собрание да го признаеме и верификуваме.
Можат ли да се одржат локалните избори без претходно да поминат законските измени?
За да се одржат локални избори треба да има одлука на Собранието за распишување на изборите и определување на датум. Парламентарното мнозинство ги има сите механизми во своите раце, да распише локални избори во најскоро можно време. И ние тоа ќе го поддржиме затоа што во интерес на граѓаните е да има локални самоуправи и избрани градоначалници и советници наместо да има блокирана локална самоуправа која што ќе носи само поголема штета и последици за самите општини и интересот на граѓаните.
Практично и го поддржувате Талат Џафери?
Човекот е нелегален и нелегален ќе остане бидејќи е скршен деловникот на најгруб можен начин и не би се повторувал. Не би се повторувал во однос на локалните избори, имам интерес што побрзо да се одржат затоа што е во интерес на граѓаните. Да се блокира локалната самоуправа му одговара само на тој што се плаши од избори и само на оној кој што се радува на штетни последици на грбот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ смета дека граѓаните не заслужиле блокада на локалната самоуправа и дека уставното право на локална самоуправа може да се овозможи со една одлука на парламентарното мнозинство за оддржување на локалните избори на 2ри Јули, Септември или Октомври кога тие сметаат дека кај нив ќе има помалку страв за да се соочат со волјата на граѓаните на избори.