Дали премиерот Зоран Заев им организирал средба на новите инвеститори од Швајцарија за купување на Центарот за дијализа и дали во случајот свој удел имале осомничениот за „Рекет“, Боки 13 и екс-тутунскиот бос Бајруш Сејдију, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на седницата за пратенички прашања.
„Во врска со случајот „Рекет 2“. Прашањето е до вас бидејќи кажавте дека сте имале состанок со Дијаверум кои биле во вашиот кабинет и изразиле интерес за купување на фирмата Дијамед која има концесии за дијализа, за што сега има истраги поврзани со министерот за здравство и директорот на ФЗОМ. Дали им организиравте на инвеститорите средба со Ден Дончев“, праша Милошоски.
Премиерот Зоран Заев возврати со напад посочувајќи дека порано бизнисот со дијализа го држеле Орце Камчев и поранешниот кум на Груевски, Ристо Новачевски кои инкасирале над 100-тици милиони евра од оваа зделка.
„Не сум им закажувал состаноци, сами си закажале состаноци, но ако побарале јас би им закажал, тие дошле со намера да вложат во државата. Истрагите ќе покажат, ние чесно сме постапиле како власт. Стотици милиони евра разлики во цени се извлечени, затоа се што имате како индиции да извадите слободно. Кој се извалкал кршејќи закон, ќе си одговара. Кој направил штета врз државниот буџет, ќе си одговара“, одговори Заев.
Милошоски заклучи дека премиерот избегнал да одговори дали Сејдију и Јовановски стојат зад „Рекет 2“ и обвини дека власта е вмешaна во целата постапка.