Клиничката болница во Штип е потврда за агонијата на македонското здравство и нефункционирањето на здравствениот систем. Додека власта на ВМРО-ДПМНЕ досега потроши 630 милиони евра, пари за споменици во Скопје, Тодоров, којшто го гледаме деновиве опуштен на плажите во Грција, штеди на здравјето на граѓаните од цела источна Македонија, рече Владимир Милошев, претседател на ОО СДСМ Штип.
Тодоров е должен да им одговори на болните од шеќерна болест, зошто насилно и неоправдано ги префрла од поквалитетните аналогни на поефтините т.н хумани инсулини. За Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните е помалку вредно од палмите и галиите.
Болните од малигни заболувања се принудени сами да ги купуваат цитостатиците и да патуваат до Скопје за да ја добијат потребата хемотерапија. Бункерот за зрачна терапија , кој одамна требаше да биде готов, не го дочека светлото на денот.
После цели десет години лажни ветувања за реконструкција на постојната или изградба на нова болница во Штип, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да прикаже дека нешто се презема.
Набавката на апарати стана пандан на спомениците во проектот Скопје 2014. Никој не знае колку точно чинат, и каде таа опрема се наоѓа, зошто нема дел од опремата. Голем дел од апаратите се уште фаќаат прашина а дел од нив воопшто не се користат поради недостаток на потрошен материјал и реагенси.
Вреднувањето на трудот на лекарите, како во Штип така и во цела Македонија е крајно понижувачки. Проектот плата по учинок е инструмент како постојано неистомислениците да бидат казнувани, а послушниците наградувани.
Стручното усовршување на лекарите во странство е обична приказна, којашто во пракса изгледа сосема поинаку. Затоа лекарите заминуваат од Македонија и тоа по 200 лекари годишно.
Поради криминалните политики, во Македонија умираат 14 бебиња на 1.000 живородени, или три пати повеќе новороденчиња од просекот на земјите од Балканот и ЕУ!
Нема лекови, нема инсулин, ги нема ветените клинички болници, жителите од селата патуваат со километри до амбуланта.
Има само жртви од тендер политиките на Тодоров и Груевски, а тоа се граѓаните.
Затоа одговорост ќе има. Никола Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ ќе сносат одговорност и ќе ја платат цената пред граѓаните за сите жртви на нивните криминалните политики.