Ги слушнавме вашите гласови како одекнуваат низ улиците, одѕвонуваат од желбата за промена и обнова. И денес стојам пред вас, длабоко благодарен од вашата непоколеблива поддршка и инспириран од вашата издржливост. Дојде време уште еднаш да се слушне нашиот глас. Кога сонцето изгрева на денот на изборите, имаме свечена должност и света привилегија: да го дадеме својот глас и да го обликуваме текот на судбината на Македонија, изјави претседателот од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Струмица.
Мицкоски ги повика граѓаните во овој клучен момент, да ја потврдиме нашата посветеност на демократијата, на слободата и на вредностите кои не обединуваат како народ.
– Да ја отфрлиме апатијата и цинизмот и наместо тоа да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени. Заедно надминавме безброј предизвици, преживеавме бури и напредувавме со непоколеблива решителност. И сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и со одлучност, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека победата е на дофат, но не е доволно само да веруваме во подобро утре, затоа мора да дејствуваме, да се мобилизираме и да гласаме, за да немаат можност да не уценуваат никогаш повеќе.
– Ве повикувам да излезете на избори со гордост и со одлучност. Да тргнеме гордо и масовно на избирачките места, обединети за да може нашите гласови најсилно да одекнат низ сите краишта на Македонија. Заедно ќе изградиме иднина достојна за нашите амбиции. Заедно ќе го напишеме следното поглавје од приказната за нашата преубава татковина Македонија. Заедно ќе победиме, нагласи Мицкоски.
Од народниот митинг во Струмица претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, кажа неколку збора и за претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски кој, како што рече, вината за големиот пораз и дебакл на изборите на 24 април ја бара секаде, само не во себе и во своите луѓе.
„Тој секаде и во сите ја бара вината за својот пораз и дебакл само не во себе си и своите луѓе. Многу погрешно потсетува на некои минати времиња, вика и се надвикува на полупразни митинзи дека ќе се врател режимот и не знам уште што. Па сакам да му одговорам. Тој може да се навраќа и за тоа што било пред 10 или 15 години, за тоа што било и пред 50 и сто години, но народот е незадоволен и револтиран затоа што сега лошо живее и затоа што нема пари да си плати сметки за струја, затоа што животниот стандард е уништен“, рече Мицкоски.
Во однос на тоа што Ковачевски го нарекува режим, Мицкоски го потсети на снимките од пред за време на отворањето на новата зграда на МНТ, каде што тој аплаудираше и се восхитуваше на тоа.
„А што се однесува до тоа што тој го нарекува режим, мислам дека нема право да збори, затоа што ако тоа било режим, тогаш тој му аплаудираше на тоа и се восхитуваше на тоа, што и впрочем го видовме на снимките при отворање на МНТ во Скопје пред петнаесетина години. Па токму тој е измеќар на ДУИ партијата која беше соучесник во сите влади овие 20 години. Како ДУИ не е режим и како таа соработка не му пречеше? Но, Димитар доаѓа време кога треба да се стави крај на таквата лицемерна политика, а тој крај е 8 мај кога народот масовно и во голем број ќе излезе на избори и ќе каже доста е“, порача Мицкоски.