Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на денешниот брифинг со новинарите обелодени нов скандал со назив „Мафија 2“, кој се однесува на злоупотреба на институциите при што едно исто лице е заведено со по два матични броja. Според неговата информација добиена од свиркачи, во Македонија има најмалку 20.000 лица кои имаат по два ЕМБГ. Тој го повика министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и надлежните институции да одговорат како и кога се издадени овие двојни матични броеви, кои, според него, се користеле за разни злоупотреби, пред сè за гласање на избори, затоа што овие лица постојат во избирачкиот список.
„Покрај аферата ‘Мафија’, каде што структури на власта издавале документи за идентификација на криминални структури, на познати балкански босови, во оваа афера може да се види дека едни исти лица имаат два матични броја. Како што може да се забележи, едно исто лице со двоен матичен број го има два пати во Избирачкиот список. Според проверките во избирачкиот список, истото лице е регистрирано на неговото вистинско име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго лице во друга општина, при што првичните броеви се исти, а последните три се различни. Конкретно, при проверката на терен за лицето Џадин Адемовски, кој на една адреса се води во Чаир, а на другата во Сарај, кога го побаравме Џадин на првата адреса, ни кажаа дека овој човек не живее тука, дека не постои такво лице. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал, за кој треба да се сноси одговорност“, рече Мицкоски.
Мицкоски јавно праша како може да постои вакво нешто кога во 2016 година на барање на тогашната опозиција беше прочистен избирачкиот список , а министер беше Оливер Спасовски. Дополнително, на новинарско прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ, кое учестуваше во акцијата за прочистување на избирачкиот список, не реагирало тогаш Мицкоски рече:
„Или во 2016 година не бил прочистен избирачкиот список како што треба или, што е полошо, овие матични броеви се впишувани во последните 4 до 5 години заради криминални дејства во кои власта директно учествувала. Трето објаснување нема. Затоа наместо Спасовски да се занимава од каде ми се овие информации нека се заземе да го истражи случајот и да излезе со конкретни одговори. И да не се правда пред јавноста дека ова било проблем од ’86 година, затоа што списокот се прочистуваше, а тој цело време е министер и се наметнува прашањето колку вакви избирачки списоци потпишал. Освен тоа, симптоматично е како 100.000 обрасци му недостасуваат на директорот на Управата за водење на матичните книги. Остава отворен сомнеж дека оваа операција се случувала во последните 4 години, при што само последните три бројки се менувани, а некој најверојатно тоа го правел намерно и со конкретна цел“, објасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека издавањето дипликат матични броеви е поврзано со скандалот „Мафија“, со цел да им се помогне на криминални босови како Седат Пекер и и водачот на шкаљарскиот клан Јовица Вукотиќ, кои поседувале фалсификувани патни исправи издадени во Македонија.