Мицкоски: Не се збогуваме со луѓе кои не работеле, сакаме врз тоа што е направено да изградиме уште повеќе

Од:

Функцијата не била и никогаш нема да биде цел сама по себе, таа е средство преку кое се служи на народот, порача премиерот Христијан Мицкоски, денеска на 112. седница на Собранието на која треба да бидат разрешени и избрани членови на Владата.

Осврнувајќи се на предлогот за разрешување на дел од министрите, рече дека сите до еден се луѓе со чест и достоинство и пред сè чесни луѓе. Денес, нагласи, не се збогуваме со луѓе кои не работеле, туку напротив, со луѓе кои во различни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба.

– Од првиот ден која ја преземавме одговорноста кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес покажуваме дека тој принцип важи подеднакво за сите – рече Мицкоски.

Според него, на реконструкцијата на Владата не треба да се гледа како на крај на нечија работа.

– Граѓаните заслужуваат јасно да ја видат разликата меѓу политиката што се задоволува со изговори и политика што носи резултати, рече Мицкоски.

Заблагодарувајќи се на членовите на Владата кои, како што рече, во изминатиот период чесно, одговорно и посветено ги извршуваа функциите, потенцираше „со искрена благодарност за нивната работа ја отвораме следната етапа, не затоа што го негираме сработеното, туку затоа што сакаме врз тоа што е направено да изградиме уште повеќе“.

– На Зоран Љутков сакам искрено да му се заблагодарам за работата што ја направи во Министерството за култура. Кога ја презеде функцијата, ресорот беше оптоварен со наследени долгови, недоволни средства и институции кои предолго работеа во неизвесност. Денес состојбата е суштински поинаква. Буџетот за култура е зголемен од 768 милиони денари во 2023-та, на повеќе од 1 милијарда и 70 милиони денари во 2026-та година. Буџетот за туризам е зголемен од 58 милиони на 187 милиони денари, што претставува повеќе од тројно зголемување. Исплатени се наследени долгови од 273 милиони денари, а дополнително се обезбедени 149 милиони денари за програмски активности, проекти и поддршка на културните институции и општините. Но, најголем резултат не се бројките, најголем резултат е што културата повторно стана државен приоритет, што уметниците добија партнер во институциите, а културното наследство повторно доби внимание какво што заслужува и за тоа му благодарам – рече Мицкоски.

Упати благодарност и до министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, наведувајќи дека во првите месеци од мандатот биле исплатени речиси 4 милијарди денари за останати обврски.

– Од јули 2024-та до денес се исплатени повеќе од 15 милијарди денари директна финансиска поддршка. Ставивме крај на праксата земјоделците со месеци, па и повеќе од година дена да чекаат, од сектор што бележеше просечен пад од 4,4% денеска повторно зборуваме за раст. Но најважно е што владата повторно станува партнер на земјоделецот. Тоа беше таа системска промена – наведе Мицкоски.

Во Министерството за правда, од каде си заминува министерот Игор Филков, наведе дека биле подготвени 33 реформски законски решенија за период од само две години. Реформите, укажа, во правосудството никогаш не се лесни. Тие не носат брзи политички поени, но тие ја одредуваат довербата во државата. И затоа секој чекор направен во оваа област е важен чекор за иднината.

– Благодарност и до Азир Алиу, кој раководеше со еден од најсложените ресори во владата. Здравството е систем што секој ден носи нови предизвици. Тој е ресор во кој секој успех изгледа мал, а секој проблем изгледа огромен. Токму затоа огромна благодарност должам за неговата работа и неговата посветеност. Сакам да се заблагодарам и до Фатмир Лимани, кој чесно, одговорно и посветено ја извршуваше својата работа во ресорот социјална политика, демографија и млади. Даде свој несебичен придонес за работата на владата. Со Фатмир се познаваме долго време. Со Фатмир сме работеле, работевме и ќе работиме. Почитувани пратеници, ова не се зборови на формална благодарност. Ова е принцип. Во оваа влада никој не се бриши од историјата затоа што денес завршува една функција. Ниту пак некој ќе биде вреднуван според тоа дали останал или си заминал од кабинетот. Единственото мерило ќе остане она што оставил зад себе. Тоа е политичката култура што сакаме да ја изградиме – рече Мицкоски.

Обраќајќи и се на опозицијата рече дека Владата која ја предводи наследила разнишани институции, нарушени јавни финансии, закочени капитални проекти, изгубена доверба кај граѓаните и чувство дека државата повеќе нема сила да ги штити сопствените интереси.

– Имате поранешни министри коишто се дел од вашата пратеничка група, а обременети со скандали и сомневања за сторен криминал додека имале честа да ја извршуваат функцијата којашто ја извршувале. Во вашето време премногу често националните интереси беа ставани во втор план. Донесувавте одлуки за кои голем дел од граѓаните сметаа дека се спротивни на националното достоинство и идентитет. Наместо да ја обединувате државата, оставивте длабоки политички и општествени поделби. Промената на уставното име на државата останува еден од најконтроверзните политички одлуки во поновата историја. Ние не сме овде за да го менуваме минатото. Ние сме овде да не дозволиме тоа да ни се повтори никогаш повеќе – рече Мицкоски.

Затоа, дополни, денес ја градиме државата од темелите. Ја враќаме довербата во институциите, ја стабилизираме економијата, инвестираме во земјоделие, култура, здравство, инфраструктура во локален развој.

– Работиме секој ден за да можеме да имаме држава којашто повторно ќе биде држава полна со самодоверба, што ќе ги штити своите интереси и што ќе се развива во јасен правец. Разликата меѓу нас и вас е едноставна. Вие ја потрошивте довербата што ја добивте. Ние секој ден работиме повторно да ја заслужиме довербата на граѓаните. И токму затоа денес граѓаните нека судат според нашите дела, а не според зборовите – рече Мицкоски.

Тој порача дека резултатите коишто ги оставила опозицијата и резултатите коишто ги остварува Владата се најдобриот одговор на секоја критика и најсилниот доказ за разликата помеѓу две политики и две визии за Македонија.

– Ова не е избор само помеѓу две политички партии. Ова е избор помеѓу две визии за Македонија. Едната визија ја видовме, визија во која државата беше ослабена, институциите заробени од партиски интереси, а довербата на граѓаните потрошена. Визија во која премногу често личниот интерес беше над државниот, а националните прашања оставаа длабоки поделби што и денес ги чувствуваме. Другата визија е онаа што ја градиме денес. Држава во која институциите му служат на народот, во која чесниот труд се вреднува повеќе од привилегијата, во која законот важи подеднакво за сите и во која успехот се мери според резултатите, а не според политичките врски. Ние не бараме граѓаните да ни веруваат на збор. Бараме да ги споредат двете визии. Да го споредат она што беше со она што денес се создава. Да ги споредат годините на застој со годините на обнова. Верувам дека Македонија заслужува повеќе. Заслужува држава што ќе биде силна, достоинствена и успешна. Држава што нема да живее од минатото, туку ќе ја гради својата иднина со работа, чесност и одговорност. Тоа е онаа татковина во којашто верувам. Тоа е Македонија за која работиме и тоа е Македонија што заедно со нашиот народ ќе ја направиме посилна отколку што ја затекнавме – рече Мицкоски.

Би можело да ве интересира

Кузеска: Народот ќе го победи Мицкоски, ќе победи европска Македонија

Мицкоски: Парламентарното мнозинство се зголеми на 59 пратеници

А1он

Мицкоски ги прекори опозициските партии дека и по неколку дена не усогласиле став за Изборниот законик, СДСМ експресно му одговори

Мицкоски: Оваа Влада гради и реализира, наместо да ветува

Зголемување до 2,5 денари за дизелот и околу денар за бензините, најави премиерот

ВИДЕО: Мицкоски вели дека опозицијата ги радикализирала барањата за да нема договор за Изборниот законик

Катерина Ѓуровски