Мицкоски: Иднината на државата е во ЕУ

Од:

Јас многупати кажувам дека мора да победуваме дома и тука немам никаква дилема, дека домашната задача е најважна, но мора да победуваме и во Лондон и во Брисел и во Париз и во Берлин и во Рим и во Вашингтон и во другите главни градови на земји-членки и на ЕУ, но и на влијателни држави во светот. Ќе се бориме за да ги браниме националните интереси и интересите на Македонија, генерално и на граѓаните. Иднината на државата е во рамките на ЕУ, тоа е една од нашите последни стратешки цели. Ќе сториме се што е во наша моќ да ја исполниме оваа стратешка цел, но истовремено да ги заштитиме македонските интереси, порача премиерот Христијан Мицкоски од Лондон.

По повеќето средби што ги оствари на Самитот за Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, истакна дека останува оптимист. Важно е, напомена, земјава да ја испорача домашната задача – реформите.

-Тоа ќе го правиме во периодот што следува. Очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот што го имаме во овој момент, но ајде да видиме, рековме – наша цел е да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси. Нормално дека пораката од нивна страна е дека местото на нашата земја е во рамките на ЕУ, како и генерално на целиот регион на Западен Балкан. Прилично инспиративна и конкретна дискусија имаше германскиот канцелар господинот Мерц, кој јасно кажа како го гледа регионот, нормално тоа е затворен состанок и сега не би сакал јас да ги зборувам деталите, но многу јасна насока даде, како го гледа регионот и кои се плановите за иднината на регионот поврзани со интеграцијата во рамките на ЕУ, нагласи премиерот за средбите со партнерите од ЕУ.

Според него, и дел од другите премиери и претседатели на земји членки на ЕУ имале јасна порака и јасен начин како го гледаат регионот во иднина.

Мицкоски информира дека остварил многу состаноци со високи претставници на кои разговарал за различни теми.

-Генерално имавме многу плоден ден, тука во Лондон, со многу состаноци што опфатија неколку различни теми, економија, безбедност и процесот на интегрирање на Македонија во рамките на ЕУ, што генерално беа и теми коишто беа опфатени и на Самитот на Берлинскиот процес. Тука беше додадена уште една тема, а тоа беше нелегална миграција. Морам да кажам дека денот беше инспиративен, го почнав со средба со министерот на Франција за Европа, господинот Бенжамин Хадад, кој е исклучително близок на претседателот Макрон и на кој ги кажавме нашите позиции, односно позициите кои цело време ги повторуваме, дека мора да има испорака во дел на гаранции од страна на самата ЕУ, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамки на Министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн, информира Мицкоски.

Тоа не се дополнителни услови, рече, туку тоа значи партнерство, добрососедски односи помеѓу двете земји.

-Во делот на безбедноста го потенциравме фактот за енергетската безбедност, развојот на гасните интерконектори, овој што во моментот го градиме со нашиот јужен сосед со Грција и тој којшто планираме многу скоро да го отпочнеме да го градиме со нашиот северен сосед, а тоа е Србија. Потоа коридорите, континуирано ги споменуваме коридорите 10 и 8, кои се за нас како држава многу важни, но и за Европа се многу важни, посебно за јужното крило на НАТО, бидејќи ги поврзуваат Јонското и Јадранското море со Црното море, тоа е коридорот 8 и коридорот 10 што ги поврзува практично Медитеранот, овој дел на Медитеранот со Егејското море, со Централна Европа, нагласи претседателот на Владата.

Во делот на нелегалната миграција, повтори дека нашиот став е апсолутно јасен.

-Ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално од земји членки на ЕУ нелегално влегуваат. Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Стармер, за време на билатералната средба, дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери, припадници на Армијата на Британија, да заедно со нашите припадници ја штитиме нашата јужно-источна граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитиме и Европа, ја презентирав нашата отворена покана, објасни Мицкоски.

Се осврна и на Меморандумот за разбирање со американско-британскиот конзорциум што ќе инвестира во фабрика за производство, а е дел од наменската индустрија. Се работи за околу 150 милиони долари, вложување кое ќе оствари неколку стотици до илјада нови работни места.

– Но, тоа е само почеток, планот е да стигнеме до бројка од една милијарда. Се работи за производство на муниција и оружје наменето за пазарот во светот, но, генерално ќе биде НАТО стандардизирано, така што корисници претпоставувам би биле најголемиот дел НАТО земји членки очекувам веќе следната година да се забрза овој процес и ако одиме според планот би требало таму некаде 2027 – 2028 година да почнеме да произведуваме, подвлече Мицкоски.

Средбата со кралот Чарлс, Мицкоски ја квалификува како невообичаен настан.

-Јас би рекол за нас од Балканот, но, за нас голема чест е да бидеме дел од настан, да поразговараме за состојбите во регионот. Јас апсолутно го кажав тоа што треба да го кажам, а е поврзано со нашата Македонија. Тој кажа свои искуства од Македонија кога бил тука, нормално тогаш во друго својство – како принц, не како крал, така што генерално главниот политички врв на Велика Британија беше таму, разговаравме и со министерката за надворешни работи разговаравме и со други високи официјални лица, така што навистина ја оценувам исклучително успешна оваа средба, односно овој престој во Лондон, рече Мицкоски.

Утре, дополни, продолжуваат активностите во Скопје за вториот круг на локалните избори.

– Утре го прославуваме големиот празник 23 Октомври, Денот на ВМРО така што однапред го честитам, напомена Мицкоски.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Американско-британската компанија Бурсток ќе инвестира во воената индустрија во Македонија до 150 милиони долари

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Мицкоски: Ветивме победа, имаме победа, ова е триумф на верниот народ

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Мицкоски: Изборниот процес се одвива мирно и достоинствено, очекувам да прогласиме уште една историска победа

Горан Наумовски

Мицкоски: Ова се избори кога триковите и измамите на нашите противници мора да бидат поразени

Мицкоски: СДСМ имаат само демагогија, трикови и подземни коалиции, а Венко во кампањата доби засилување од Заев

Горан Наумовски

Мицкоски: Неформалната коалиција на Венко, Али и Димче има само една цел, да дојде на власт по било која цена