Македонија минувала низ тешки премрежја, била низ крстопати.
Над нејзе се надвиснувале тешки предизвици. И не сакам да звучи на некакво предизборно клише, но овој пат Македонија минува можеби низ најтешкото време од своето создавање до денес. Не сме на крстопат, туку овој пат без сомнение државата е веќе влезена во погрешен правец, и мораме да ја вратиме назад, да му припадне на народот и да застане на правиот пат.
И сосема и нормално и јас сум навистина свесен дека очите се вперени кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, затоа што единствената вистинска сила за промени, единствената надеж во очите на народот дека нешто може да се поправи е токму оваа политичка структура. И ние го немаме луксузот, и ние го немаме изборот да не бидеме амбициозни, затоа што во спротивно Македонија нема да ја биде. А мора да не биде, затоа што Македонија пропушти многу сите овие години. Многу животи на многу луѓе се потрошија на чекање да дојде подоброто време во кое сите верувавме и за кое сите се надевавме. Македонија е заглавена во чекалницата и го живее матриксот на постојано разочарување и грда реалност, која станува веќе навика.
Многу работи кои се случија овие триесетина години независност придонесоа луѓето да станат незаинтересирани за важните работи и процеси во Македонија. Таквата незаинтересираност и кревање раце од работите им е добредојдена на сите оние политички елити кои всушност се потпросечни медиокритети кои се наоѓаат да одлучуваат за судбините на сите нас. Таквите убијци на надежта на луѓето всушност се хранат и печалат од потргнувањето настрана на сите паметни луѓе кои соочени со бројните проблеми, разочарани од милионите пропусти на системот, обесхрабрени и навредени од примитивноста со која им се настапува од власта, решаваат да дигнат раце и се откажат од својот сон, од својот идеал и или заминуваат од државата или се потполно незаинтересирани за важните работи. Но мора да си признаеме нешто, а тоа е дека лошите политичари ги носат луѓето кои всушност не гласаат, се пасивизираат и креваат раце од работите.
Но, работите до таму да овој пат никој го нема правото да им се потргне настрана на тие од власта, да ги остави да продолжат со својот децениски криминал и ситно и бездушно разграбување на Македонија. Да потсетам дека државата не е само наша припадност, туку и наше наследство, кое многу генерации претходно скапо го платија и да бидеме свесни дека секоја педа македонска земја е натопена со многу страдања, борби и крв. Не е ова само наша своевина туку и наследство и слобода кон која се обврзуваме. Дојде моментот и часот кога време е сите заедно да ги промениме работите.
Мора да не биде, затоа што овие избори се вистински, велам буквално вистински последниот час да победат пристојните луѓе, да победи разумот во Македонија и да им кажеме на сите дека има надеж и ние сме таа надеж и сила и структура која овој пат има озбилна намера да ја обнови Македонија.
И затоа велам, не може да не бидеме амбициозни и го немаме просторот да не се стремиме и да не се бориме кон повисоки цели и вредности.
На прагот сме на голема победа. И таа победа зависи од секој еден човек на Македонија. И таа победа нема да биде само наша, туку ќе биде на сите пристојни луѓе кои овој пат ќе решат да излезат на избори и ќе донесат одлука не за нас, туку пред се за себе, за своите семејства, за својата иднина. Работите никогаш не биле потешки, но и никогаш не биле појасни. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата сила за промени кои Македонија мора да ја врати на народот. Македонија мора да остане таму каде припаѓа и државата да почне конечно да функционира онака како што очекуваат граѓаните.
Победа која ќе испрати порака дека 2 милиони народ се посилни од стотина елитисти кои со години ја упропастуваат Македонија. Победа за крај на обезличувањата, победа за крај на криминалот и корупцијата која го јаде секое здраво ткиво. Ваша одлука, но наша заедничка победа за нова енергија на луѓе кои безусловно ја сакаат Македонија. Заедно, со огромната сила на народот од денес го почнуваме последниот и финален чин на тоа да си ја вратиме Македонија и Македонија да биде повторно ваша, наша, Македонија да биде повторно твоја. На секој еден пристоен човек кој знам дека ќе реши да се бори за својата иднина. Победуваме со силата на многумина кои мора да излезат на гласање ако сакаат промени. За Македонија повторно твоја за промени кои се во твоите раце.
Драги пријатели,
Почитувани браќа и сестри,
Овие избори ќе бидат историски важни и клучни не само да се поправат работи и Македонија да се спаси од погрешниот пат и бездна кон која е тргната, туку и се и шанса за да се испрати порака на оние кои со децении ја разграбуваат Македонија. ДУИ се политичкиот фактор кој освен тоа што СДСМ го потчини и од таа некогаш голема партија направи ситна играчка во своите раце, туку својот криминал го вгради во секоја една институција и направи дуизација поточно криминализација на државата. Тие Демократската унија за интеграција дваесет години се провлекуваат при промена на секоја власт, и иако се учесник во секоја една афера и криминален случај, нема ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред словото на законот. И секогаш кога ќе ги кажете работите онакви какви што се, тие ќе започнат да зборуваат за етнички теми и да обвинуваат дека некој има нешто против Албанците ако ги нападне овие криминалците од ДУИ. Јас како човек немам ништо против ниту еден народ, но имам против тоа да се краде Македонија и упропастува бездушно.
Затоа што и Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ и затоа што и тие подеднакво живеат тешко исто како што тешко живеат и Македонците, и Србите, и Турците, и Ромите, и Бошњаците, и Власите и сите останати граѓани во Македонија. Тоа што ДУИ беше зелена партија, а сега се големи европејци покажува дека тие имаат десетина лица, но едно лице никогаш не го менуваат, тоа е лицето кое што стално носат со себе, тоа е лицето на криминалот. И за тој криминал мора да одговараат и да има правда за секого. Јас сум свесен дека Али Ахмети и тие малкумина околу него, точно знаат што правеа овие повеќе од 20 години. Свесен сум дека тоа што не им појде од рака со пушка, сакаат сега од внатре, од институциите да го сторат. Нивната цел е една, а тоа е да ја опљачкаат, уништат, понижат и засрамат Македонија. Да ги понижат оние кои ја бранеа Македонија.
Ова се избори кога да се спротивставиме на тоа. На овие избори народот мора да излезе масовно и да гласа. Најпрвин ќе ги пратиме во опозиција, а потоа јас ви гарантирам и ви давам збор ќе одговараат за секоја солза, за секоја пролеана солза на мајка, баба, сестра, за чедото кое ја напуштило Македонија затоа што се чувствувале граѓани од втор ред, затоа што некој им ја украл иднината.
И ако некој има дилема и мисли дека се шалам од оваа Конвенција од овде ќе им кажам исто како што до сега, што би рекол еден наскоро поранешен политичар одевме до крај подготвен сум и овој пат да одам до крај. Од една страна ДУИ криминалците, од друга страна ВМРО Коалицијата и народот. Ќе одиме до крај. Се додека и последниот не одговара!
Почитувани драги пријатели, нападот врз ДУИ никогаш не е напад врз Албанците, туку напад врз криминалот кој тие го преставуваат и застапуваат. И свесен сум дека тие секогаш тоа го извртуваат и го толкуваат како напад Албанците, но и тие треба да ја искористат мислам на Албанците оваа шанса да му испратат јасна порака порака на Али Ахмети и ДУИ дека готово е. Мора најпрвин да отидат во опозиција, а потоа да се соочат со одговорност за сето она што и го направија на Македонија и на граѓаните на Македонија.
Што се однесува до СДСМ тие на овие избори свесни се дека губат и тие повеќе се грижат и позиционираат за времето по изборите. Ковачевски, човекот кој до вчера управуваше со државата и одлучуваше за се, вели вчера дека во Југославија земјава била спејс шатл, и можеби тоа е така, но проблемот е што сега тој со неговите од Македонија направи дупнат дрвен чамец, фрлен во блато покрај Дојранско езеро.
СДСМ е тотално безидејна, немаат ниту план, ниту програма. Барем пред 8 години имаа памфлет наречен За живот во Македонија, кој видовме како заврши и во што се претвори, но сега ниту тоа го имаат. Немаат никаков концепт, а на избори одат со некаков список на желби напишан на хартивче. Без сериозен план и програма.
И навистина немам намера оваа кампања да се занимавам со нивните негативни хајки и црнења кои ги прават врз мене и моето семејство цели 6 години. И не ми паѓа на памет да одговорам и да се валкам во нивната кал, туку единствена намера имам да ја извадиме Македонија од калта во која тие ја втурнаа.
Она што вистински ме мачи и она што вистински мораме да го поправиме е што над 600.000 наши сограѓани, соседи и пријатели живеат со само 150 денари на ден!
Секој трет граѓанин е сиромашен. Македонија е најсиромашна држава во Европа и со најголема инфлација! Инфлација во Македонија е 50% поголема од таа во Еврозоната. Растот на БДП по глава на жител од 2017 до 2023 во Македонија е само 20%, додека земјите во регионот Србија, БИХ, Албанија, Црна Гора повеќе од 50 проценти. Јавниот долг за 7 години е зголемен за скоро 4 милијарди евра! Власта го задолжила секој граѓанин за 2.000 евра. Македонија меѓу 10-те земји со најголема стапка на криминал во Европа, државава е на врвот на листата во Светот според индексот на мизерија. Имаме најниски плати и пензии во Европа последниве 6 години.
Дополнително на тоа Македонија тоне во корупција, тоа го нотираат извештаите на ЕК, Стејт Департментот, германски стопанственици и странски претставници! Со оваа власт довербата во судството е само 2%! Ова е реалноста која мораме да бориме да се промени.
Решенијата за ова се содржани во програмата на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198. Платформа 1198 затоа што содржи 1198 проекти и политики со кои решаваме огромен број на проблеми кај граѓаните, затоа што за нас луѓето се на прво место. Со фокус на реалните проблеми, оваа програма е срочена за да гарантира целосно функционирање на системот, заштита на националните интереси, квалитетно образование, како и модерен здравствен систем.
Во оваа програма се обврзуваме на раст на БДП до 5% годишно. Ниска стапка на инфлација на не повеќе од 2,0% до 2,5% годишно. Буџетскиот дефицит кој постепено ќе се намалува под 3,0% од БДП. Намалување на невработеноста до 7,5%, односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците.
Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Ќе направиме реорганизација на министерствата и институциите и намалување на бројот на функционери, членови на управни и надзорни одбори. До 800 милиони евра за македонското земјоделство, гарантиран откуп и гарантирана цена за производите, обнова на водоснабдителните системи. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години, завршување на автопатот Кичево – Охрид, автопат Битола – Прилеп, автопатот Тетово-Гостивар, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините годишно, една милијарда за 4 годишен мандат.
Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање на над 100 училишта, како и зголемување на платите во образованието согласно со Колективниот договор и многу други работи.
Имаме план, но она што е најважно имаме и луѓе кои ќе го спроведат сето ова.
На овие избори настапуваме со чесни имиња, со искрени и посветени личности. Листата за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија е составена од луѓе со интегритет во кој јас силно верувам. Се знам лично. Со носителите на листите по изборните единици поминавме многу изминатиов период. Со Дафина, Кендо, со генералот Ковачки, Александар Николоски, Сајкоски изминатиов период се боревме силно и посветено за да дојдеме до ова финале каде се одлучува за иднината на Македонија. Ви гарантирам за нивната чесност и искрени намери да направиме да направиме повеќе за нашиот заеднички дом Македонија. Со овие луѓе тука и во луѓето од мојот тим сум повеќе него ли со моето семејство, затоа што веруваме и работиме Македонија да стане подобро место за живеење.
Имам една порака до секој еден човек од нашата листа за пратеници. Одговорноста е огромна, немојте да го разочарате народот. Нема да дозволам годините поминати за враќање на довербата да бидат прокоцкани. Лично мене ќе ме имате како противник доколку било кога и било каде направите чекор со кој ќе нанесете штета и болка на било кого. Нема потфрлање и одиме напред кон промени кои мораме да ги донесеме. Да ги вратиме вредностите во политиката да им покажеме на луѓето во што веруваме.
Македонија мора да биде повторно твоја и повторно на народот. Мораме да направиме мобилизација на секој еден човек во општеството. Без оглед на партиската или било каква друга припадност и да го вклучиме во промените. Подавам рака кон секој еден човек кој се става на рапсолагање да помогне за иднината на Македонија.
Време е за силно обединување кое веќе го правиме. Најбројната коалиција досега предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена Твоја Македонија на овие избори мора да допре до секоја една ичност и да испрати барање за вклучување.
Живееме во тешки времиња. Државата е во хаос, институциите се парализирани, апатија и разочараност се чувствува насекаде. Изгубена е довербата во политичарите, бидејќи народната волја е многупати изигрувана. Ништо не функционира. Македонија е одземена од рацете на граѓаните, а граѓаните со право се скептични дали може да се промени тоа. Сетете се само за хаосот што секојдневно го доживувате околу вас: корупцијата, која е толку очигледна; лотариска среќа до скоро беше да се извади пасош но благодарение на Панче овој ред веќе е минато, и ако ништо друго барем имаме достоинство вратено кај граѓаните. Младите се иселуваат но не само младите и повозрасните размислуваат да ја напуштат земјата не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред. СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали, се срамиме од нивните недостоинствени настапи низ светот, иднината и подобриот живот се далечен сон, прогласени сме за најсиромашна држава во Европа, додека државата е на врвот по сите ранг-листи на корупција, извештаите од Европската Унија се историски катастрофални, тие ветуваа отворена Европа, но испорачаа затворена држава во која граѓаните немаат начин како да отпатуваат надвор од Македонија.
Ова не е Македонија што ја сакаш и ја заслужуваш.
Овие избори се последна шанса за спас!
Шанса во која можеш да веруваш, избор во кој мора да учествуваш!
Македонија ти е едноставно одземена.
Но, промените се можни и се на дофат.
Ние ветуваме итен почеток на конкретни проекти, кои ќе ја обликуваат и значително ќе ја подобрат нашата заедничка реалност, обновувајќи ја надежта и обезбедувајќи ја иднината на државата која повторно е во твоите раце. Силата на промените е во твоите раце.
Деновите кога неколкумина ја киднапираа државата мора да завршат. Мора, заедно, со гордо крената глава, да се спротивставиме на тоа. Нашите политички противници ќе ви кажуваат приказни за брз влез во Европа, само за да ги затскријат корупцијата и распродажбата на државата. Додека тие зборуваат за интеграции, ја купуваат „Соравија“; додека тие се колнат лажно во европските вредности, им течат тендери и набавки, додека тие се обидуваат со лаги и празни зборови да ве плашат дека ние сме биле против Европската Унија, а тие за Европската Унија, и дека живеете најубаво во Југоисточна Европа, Македонија сѐ повеќе тоне, а тие беозбразно се богатат.
Има разлика! Нашата понуда е јасна.
Визијата „Македонија повторно твоја“ е Македонија во која веруваш, и која ја сакаш и ја заслужуваш. Македонија на успеси, Македонија за која навиваш и со која се гордееш. Македонија на реформи, проекти, на работа, Македонија во која има ред, систем, поголеми плати и пензии, работа за сите.
На овие избори претставуваме светилник на надежта, сериозна, најдобра изборна програма досега, која ја нарековме „Платформа 1198“. Конкретни проекти политики што ќе ја обноват и ќе ја преобликуваат вашата иднина, но и кои ќе утврдат јасна траекторија за нашите граѓани. Од здравство до образование, од економија до земјоделство, од инфраструктура до вработувања, правда, еднаквост, закон и ред. Нашата „Платформа 1198“ е печатот на позитивна промена, која допира до суштината на твоето секојдневие и те става тебе на прво место. Тоа е нашата заклетва дека граѓаните на Македонија засекогаш ќе бидат на прво место.
Иднината не е апстрактен концепт, таа е опиплива реалност која може да се обликува со твоите раце. Со оваа Платформа, промените во кои можеш да веруваш, се во твоите раце. Кај тебе е палката, која ти дава сила да ја направиш Македонија да биде повторно твоја.
Промените се во твои раце!
Македонија повторно ќе биде твоја!
Почнуваме, силно, обединети, заедно. Како никогаш досега. За Македонија.
Да сте живи и здрави,
Да живее ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата!
Да живее Македонија!