Мицкоски: Честопати се срамам кога гледам како Скопје е меѓу најзагадените градови во светот

Од:

„Во предвечерието на 13 ноември, ќе кажам дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство. На овој ден, Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација. Овој ден сведочи и за солидарноста која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремежот за слобода. Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива“ рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски по повод, 80 години од ослободувањето на Скопје.

Премиерот порача „сигурно ниту на Методија Андонов Ченто, ниту пак Димитар Влахов или Михајло Апостолски не им било ниту малку лесно да се соочат со најголемата фашистичка сила дотогаш, но тие веруваа во отпорот, веруваа во идеалите и потоа чекореа гордо низ слободното Скопје. Таа победа беше на нашиот народ и ние сега и сите генерации потоа ,после нас имаат право да се повикуваат на придобивките од таа победа. Денес, кога ја чествуваме слободата на Скопје, ја чествуваме и нашата одговорност кон иднината. Овој празник е завет – завет дека ќе ја чуваме и унапредуваме оваа слобода, дека ќе се грижиме за нашиот град и за нашата татковина“.

„Скопје е нашиот град. Нашиот дом. Градот распослан на Вардар, со скопското кале, старата чаршија, Водно и уште стотици илјадници места од нашата младост, од нашите животи. Град со премногу проблеми, но и град со душа, на градски култни места, паркови, маалски клупи и дружби, на скопските урбани ликови кои ги нема многу но се паметат и чуваат во спомените на скопјани. Град кој не заборавајте дека повеќе пати изникнуваше од пепелта, историјата која покажува дека требаше да биде уништен, за да живее, кој го преживеа жарот на Пиколомини, земјотресот, поплавите, но и град кој го даде Јустинијан, Мајка Тереза, многу познати уметници, музичари. Градот на Леб и сол, Меморија, на Горан Стефановски, Златното Славејче и Александар Џамбазов, стотици други кои се големата приказна, парче душа на овој град. Има и такви кои цртаат замислени граници, подигаат завеси, робуваат на стереотипите, бараат лева и десна страна на градот, но вистинските луѓе во реката Вардар не гледаат граница, туку точка на поврзување. Во Камениот мост не гледаат поделеност, туку точка на заедништво. Затоа што Скопје е едно и единствено кое не познава граници, кои ги надживува стереотипите, поделбите, ја замира омразата, и ја подигнува солидарноста. Во таков град јас израснав и во такви вредности јас верувам. И знам дека душата на градот не зависи од десетина луѓе кои се на позиции и кои го водат градот, туку од стотиците илјади останати кои живеат во него и се дел од нашето Скопје“ рече меѓудругото Мицкоски.

Тој напомена дека е свесен дека загадувањето на воздухот е еден од најголемите проблеми што секојдневно го чувствуваме во главниот град.

„Честопати се срамам кога гледам како нашиот главен град – градот на слободата, сега е меѓу најзагадените градови во светот. И посебно сум разочаран од тоа што се дозволи децении и децении ништо да не се преземе на оваа тема. И ве молам да не ја политизираме оваа тема, затоа што тоа е колективен неуспех на сите политички елити досега кои управувале со државата и градот. Ниту една акција, ниту една стратегија, ниту еден проект – само тишина и неодговорност гледаме од најодговорните во главниот град! Години наназад ова прашање се третираше со незаинтересираност и игнорирање, додека граѓаните ги чувствуваат последиците на своја кожа. Таквата пасивност се плаќа со здравјето на луѓето. И предупредувам дека оваа тема уште се политизира и тоа од оние кои уште на локалните избори во 2017та година ветуваа живот и чист воздух и потоа со прст не мрднаа. И зошто толку многу е тешка состојбата со загадениот воздух? Затоа што не постои едноставно ниту пак брзо решение, а секој кој ќе ви вели дека може преку ноќ да се исчисти воздухот верувајте дека нема ништо да направи. Состојбата е таква затоа што тоа е последица од нефункционалниот систем и системските пропусти со заштитата на животната средина и жалам што ова морам да го кажам повеќе од три децении. За да денес сите креваат раменици и прават поени од тоа“ рече Мицкоски.

Смета дека „Клучот е во системското делување и во големите вложувања во заштита на животната средина кои ќе ги исклучат главните фактори на загадување“.

Заложбата за европска иднина на земјава, рече дека, ќе се прави „без распродажба на државни интереси, без тајни коалиции, без бизниси под маса со Бугарија како што правеле претходниците. Не сум сигурен дали ќе успееме, иако даваме се од себе и имаме интензивна комуникација со нашите стратешки партнери, но сигурен сум, во тоа да бидете и вие сигурни дека нема ништо да прифатиме поради кое ќе ве засрамам вас народот и пред се и над се Македонија“.

„Јас крчма од државните и националните интереси нема да правам, и ќе направам се граѓаните да добијат европска иднина каква што заслужуваат. И во меѓувреме, помеѓу две паузи на кои СДСМ ќе сака да ни соопшти некоја стратегија скувана на некое патување на претседателот на СДСМ во Дубаи, треба да остане забележано и денес дека СДСМ останува единствениот нереформиран дел од комунизмот во Македонија, упорно држејќи се до старите манири, без вистински погледи кон иднината“ дециден е Мицкоски.

„Ќе го ослободиме системот од корупцијата, ќе изградиме држава во која владее правото и во која секој граѓанин ќе може да го оствари својот потенцијал. Македонија ќе чекори кон Европа со гордост и со подигната глава“ порача македонскиот премиер.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Решен откупот на ориз

СДСМ: Цените на намирниците уриваат рекорди, а Мицкоски не храни со лаги

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Откако Мицкоски си ја зголеми платата, сега кажува приказни

А1он

СДСМ: Мицкоски се фали со резултатите од нашите економските политики за што му благодариме

Катерина Ѓуровски

За кратко време ја консолидиравме економијата, индикаторите за раст на БДП се меѓу најдобрите во Европа објави премиерот

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: В среда нема ништо да се случи, група функционери од ДУИ се обидува да се спаси со етнички тензии

Катерина Ѓуровски